Македонија Многу се пријавија, малку добија

СРАМОТА: Владата и МОН ги понижија родителите за 20 евра!

Првичната најава беше дека по 1.200 денари (за деца од основните училишта) и по 1.800 (за средношколци), родителите чии месечни приходи не надминуваат 50.000 денари, ќе добиваат шест месеци. Првата исплата беше најавена за крајот на декември.

СРАМОТА: Владата и МОН ги понижија родителите за 20 евра!

„Бомбастичната“ најава дека Владата преку Министерството за образование и наука финансиски ќе им помага на родителите кои имаат деца ученици во основните и средните училишта, пукна како обична петарда.

Кон крајот на месец декември, родителите добија порака дека рокот само што започна, брзо ќе заврши, па потребната документација треба да ја соберат и предадат брзо.

Првичната најава беше дека по 1.200 денари (за деца од основните училишта) и по 1.800 (за средношколци), родителите чии месечни приходи не надминуваат 50.000 денари, ќе добиваат шест месеци. Првата исплата беше најавена за крајот на декември.

По хаосот со собирање и доставување на документи, МОН донесе одлука рокот да биде продолжен, со најава дека тие кои веќе доставиле документи ќе ги добијат парите.

Голем број на родители ја контактираа редакцијата на КУРИР да информираат дека иако поминало скоро цел месец откако ја доставиле комплетната документација, тие овие пари до денес ги немаат добиено. На дел од родителите, пред три дена им “легнале“ по 20 евра, но има и такви кои се чувствуваат понижени чекајќи ги ветените пари.

Иако за оние кои ја ветуваат оваа финансиска поддршка за родителите, 20 евра можеби се “смешни пари“, за родителите кои аплицирале, станува збор за сума на која се надеваа по најавите и која ја очекувале.

Пред два дена, КУРИР испрати прашања до МОН на оваа тема, но одговор од таму немаме добиено.

 

Погледнете ги повиците кои ги испрати Министерството за образование

Јавен повик за за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари (18.12.2023)

Се повикуваат сите ученици во основното и средното образование кои ги исполнуваат следните услови да се пријават на јавниот повик за финансиска поддршка за учениците од основните, односно средните училишта:

1. Да се државјани на Република Северна Македонија;

2. Да се редовни ученици во основното, односно средното образование

3. Да се ученици чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари

I. Начин на пријавување

Кандидатите треба да се пријават во училиштето во кое ученикот е запишан. При пријавувањето, кандидатите треба да ги пополнат обрасците за:

– основно образование: Пријава на родител/старател поднесувач на барањето, Изјава од другиот родител/старател;

-средно образование: Пријава на родител/старател поднесувач на барањето, Изјава од другиот родител/старател

II. Потребни документи

1. Копија од трансакциска сметка на еден родител/старател подносител на пријавата

2. Потврда од работодавачот за последно исплатена нето плата на двајцата родители/старатели

3. За лица кои не се во работен однос изводи од приходите од сите трансакциски сметки на име на родителите/ старателите за претходниот месец односно до датумот на аплицирањето по овој повик како и изјава за вистинитоста на сите податоци и докази кои се во прилог на пријавата.

4. За регистрираните индивидуалци земјоделци изводи од сите трансакциски сметки на име на родителите/ старателите за претходниот месец односно до датумот на аплицирањето по овој повик како и изјава дека изводите од доставените сметки се единствените сметки кои ги поседуваат на свое име

5. Доколку е дете на починат родител доказ-извод од книгата на умрените и последен чек од пензија

6. Доколку е дете од разведени родители доказ-решение од правосилна судска пресуда (подносител на пријавата е родителот/старателот, кој единствено само тој доставува потребна документација по овој повик)

7. Доколку е дете на родител пензионер доказ –последен чек од пензија

8. Доколку е дете на невработен родител доказ- потврда од Агенција за вработување на Република Северна Македонија дека е невработено лице кое не прима паричен надоместок или прима паричен надоместок со наведена сума на паричниот надоместокот

9. Изјава од другиот родител/старател за давање согласност, подносител на пријавата да биде таткото/старател, односно мајката/старателка за користење на финансиска поддршка во износ од 1 800 денари за учениците од средното образование, односно 1 200 за учениците во основното образование чие семејство има вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари.

Напомена: Министерството за образование и наука по службена должност има право да ја проверува веродостојноста на податоците кои ќе бидат доставени од училиштата во надлежните институции.

III. Рок за пријавување

Рокот за пријавување е од 18 до 24 декември 2023 година.

МОН: Нов повик за финансиска поддршка за учениците, оние што веќе се пријавиле во декември, не треба повторно да конкурираат (10.01.2024)

Министерството за образование и наука објави нов повик за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта, на кој можат да се пријават сите ученици кои ги исполнуваат условите, а не се пријавиле на првиот повик од декември, лани. Рокот за пријавување е продолжен поради зимскиот распуст и трае од 5 до 16 јануари 2024 година.

Јавниот повик е достапен на следниот линк: Јавен повик за финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето плата до 50.000 денари (mon.gov.mk)

Основците и средношколците што се пријавиле на првиот повик минатиот месец, не треба повторно да конкурираат.

Исплатата на паричната поддршка по првиот јавен повик ќе се изврши во следните неколку дена. Учениците од основните училишта ќе добијат 1.200 денари месечно а средношколците 1.800 денари. Оваа помош е дел од 9.пакет антикризни мерки на Владата, со цел обезбедување подобри материјални услови за учениците на кои им е потребна социјална заштита во услови на повеќе испреплетени кризи.

Јавниот повик ќе се објавува секој нареден месец, а заклучно со мај 2024.

„Нè понижија за 20 евра“

Родителите кои ја контактираа нашата редакција велат дека од пред празниците во семејниот буџет очекувале дека ќе ги имаат и ветените пари. Но, останале без нив.

Еве дел од нивните сведоштва:

-Се чувствувам понижено. Ветуваат помош, а сега треба да ги молиме за скромни 20 евра? Навистина е дрско и некоректно. Што ветуваа ако не знаат да исполнат?

-Кај мајка од одделението на син ми веќе се легнати парите пред неколку дена. Кај мене, иако ја однесов цела документација во која се гледа дека месечните приходи ни се 38.000 денари, пари не ми се исплатени.

-Во декември не успеав да извадам документ од работа за големината на платата бидејќи администрацијата ми беше на одмор. Кога го продолжија рокот, веднаш однесов се, но од парите само најави на вести видов.

-Ветуваат дека ќе ни помогнат, а направија да се чувствуваме уште попонижено.  Нека им е срам!

Многу се пријавија, малку добија

Дел од родителите добиле пари. На останатите не им е јасно зошто се во групата која уште чека. Не добиле информација дека од било која причина се одбиени бидејќи ги исполнувале сите услови.

МОН и Владата пуштаа соопштенија и информации додека помпезно ја најавуваа оваа мерка, а сега кога го разбудија гневот поради лажното ветување кај голем број на родители, никаде ги нема.

Најнови вести од Македонија

To top