Значи, уште во март 2020г. видов и почувствував едно ново ВМРО-ДПМНЕ. А тоа и се потврди во 2021 г., таа година на локалните избори, кога партијата освои 42 градоначалнички места и 468 советнички места. Овој успех има голема специфична тежина бидејќи е остварен од опозиција. А да се потсетиме СДСМ со сите лостови на власт освои само 16 градоначалници и 396 советнички места. Тогаш се потврди дека оваа партија има многу повеќе знаење, способности и умеења, покажани и потврдени на дело. Тогаш напишав дека членството на партијата е мотивирано, има срце и голема храброст за борба за исправена и горда Македонија, нешто што ќе финишира 2024г. кога на претседателските избори, партијата ќе ја кандидира проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова за Претседател на Република Македонија и со слоганот “Македонија повторно горда“, ќе се постигне голема победа, со освојување на 561 001 глас, и Силјановска-Давкова ќе биде избрана за Претседател на Република Македонија. Истовремено, на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ освојувајќи 436 000 гласа во парламентот ќе добие 58 пратеници. Господа ова не е така малку, како што велат некои квазианалитичари и новинари-фалангисти кои се обидуваат да направат медиумски атентати на претседател, на лидер и на победничка партија. Ама, неуспешни се, и никој не може да ги утеши, па продолжуваат ли продолжуваат со негирања, и се знае, за нив, и резултатите и големата победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори не се резултати и голема победа. Чудо не видено. Ама што да им правиш?!
Да се вратиме на периодот 2020/2021г. кога во колумната “Обединетите бои на ВМРО-ДПМНЕ – победнички!“, меѓудругото ќе констатирам: “…Обединетото ВМРО-ДПМНЕ го гледам во Велес, Штип, Скопје, Кочани, Кавадарци, Виница, Прилеп, Струмица, Битола, Струга, Кичево, Радовиш, Охрид, Тетово, Куманово, Гостивар, Дебар и другите градови низ Македонија. Ама го гледам и во Зрновци, Зелениково, Ранковце, Чашка, Росоман, Пехчево, Гиновце, Градско, Мородвис, Облешево, Чешиново, Јегуновце, Ваташа, Лозово, Јакимово, Истибања и многу други мали општини и села. Гледам растрчани, активни млади луѓе како одат кај граѓаните избирачи и зборуваат за правда, принципи, промени, обнова, реформа, мерки и проекти за развој и прогрес на Македонија. Се посетуваат роднини и пријатели, нивните пријатели и пријателите на нивните пријатели. Тоа е сторителинг за ВМРО-ДПМНЕ обновена, подмладена и обединета. Сторителинг за Обнова на Македонија и обврзување за зачувување на Историјата, Идентитетот, Културата, Традицијата, Јазикот и секако, долготрајна и макотрпна битка за враќање на најсветлото, најсветото и најсвоето – Името Македонија. Сите тие се обединети бои и црвени линии од кои нема отстапување.
Гледам и чувствувам директна и искрена комуникација со граѓаните избирачи. Тоа се илјадници и илјадници моменти на вистината. На прашањата на граѓаните се даваат искрени одговори. Тоа се искрени мисли за Македонија, претворени во зборови, а зборови преточени во акција и дела. Мерките и проектите од Обновата се гаранција дека соништата ќе се преточат во јаве и реалност. Тоа е вистина кажана на добар начин. Достоинствена борба за вистината. Цврста решеност да се работи и живее Обновата.
Не може, а да не се види и почувствува дека сето тоа е ментална интелигенција во вид на знаење. Дека тоа е емотивна интелигенција како самодоверба. Физичка интелигенција, како дисциплина, и тоа вмровска дисциплина. И духовна интелигенција во вид на свест и совест, преточени во одговорност – гарантирани со нивно обврзување. Ум, срце, тело и дух во едно. Полетна енергија на вмровската младост обединета со долгогодишното вмровско искуство. Упорни и решителни жени-активсти, гордост на ВМРО-ДМПНЕ…“.(завршува цитатот).
И сега да се навратиме на 18 конгрес на партијата кој се одржа пред шест дена. Преку слики и видеа видовме поединечна енергија, позитивни вибрации и партиска синергија, на повисоко ниво и со појак интензитет и од 2020/2021г. И во една таква позитивна атмосфера и со конструктивно однесување на делегатите на Конгресот донесени се новите конгресни документи и реизбрен е Христијан Мицковски за престседател, со што му е доверен уште еден претседателски мандат. Тоа е и многу логично и сосема оправдано. Ајде во овој дел да резимираме: Во време на партиското опаѓање и кризата што ги зафати политичките партии, во Македонија, Европа и светот, ВМРО-ДПМНЕ, сосема на време, се одлучи за реформи. Како прво, реформи на партиското организирање и како второ, реформи во политичкото дејствување. За актуелните политички предизвици, на планот на партиско организирање, политичко дејствување и предлагање и реализирање на политики и мерки за нивно ефикасно спроведување, ВМРО-ДПМНЕ изненади со нов концепт на организирање, функционирање и водење делотворна политика.
Чинам дека со обзнанувањето на овој нов концепт на организирање и политичко настапување и дејствување, ВМРО-ДПМНЕ ги издигна на највиско ниво четирите димензии и чинители на нова модерна партија: ја зајакнува политичката натпреварувачка способност, наспротив партиската затвореност; овозможува многу поголема достапност (медиуми, граѓани, јавност) наспротив енкапсулацијата; ја зајакнува пресудноста како политички субјект, наспротив маргинализацијата и нерелевантноста; и конечно се справува со ранливоста (внатрпартиски тензии и одбивање на надворешните деструктивни неосновани напади), а ја зголемува отпорноста и сигурноста на демократското дејствување. Потребни се упорност и истрајност сето ова да се реализира. Секако желбата за промени се подразбира. Едноставно, со овој концепт за реформирање и модернизирање треба секојдневно да се живее. А токму тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ.
Арно ама има и такви кои не мислат како мене, иако за она што го пишувам, анализирам и констатирам, фактите се очебијни, а аргументите недвосмислени, конкретни и јасни. Една новинарка на медиум (неделник), ничем изазвана, наспроти одржувањето на конгресот ќе констатира “…не се знае дали некој (во ВМРО-ДПМНЕ) има право да размислува со своја глава, а не па да искаже свој став“. Претседателот пак на СДСМ, Венко Филипче, за конграсот, меѓудругото ќе рече “ете само Орбан ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, таа оди во изолација“. Оваа констатација на Филипче, е ноторна невистина, зошто ако не го гледал конгресот, тогаш луѓето задолжени во СДСМ за следење на политичките противници, требало да му кажат дека Меѓународна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Македонија, на конгресот ја дадоа Германија, Италија, Шведска, Унгарија, Хрватска, Словенија и Европската народна партија, преку видео изјави на нивните лидери (претседатели, премиери). Тука некој мами, манипулира и лаже. Е, сега за Филипче една изрека: “Ако некој лаже, тој не само што и краде, туку и вошки врие и на таван спие“ (стара македонска поговорка, која за вакви ситуации, во Кочани се користи многу често).
А за новинарката, која ги прогласи вмровците дека немаат право да мислат со своја глава, а не па да искажат свој став, и го препорачувам следното: Првин да ја прочита првата политичка доктрина на ВМРО-ДПМНЕ(2008 г.), потоа, истото да го направи и со Политичката доктрина на ВМРО-ДПМНЕ (12.12.2021г.), и за крај да ги исчита документите на 18 конгрес, а тоа се Нова парадигма 20230(Идеолошки кодекс на партијата, Договор со граѓаните, Нова парадигма државност 2030 и Централен кодекс на партијата – 10 принципи на политичка зрелост) и Ново поглавје, стратегија Македонија 2030 – правци за дејствување, развој и државно водство. Ајде троа ќе ја мотивирам(и не само неа, туку и другите кои немаат доблест да ја прифатат ралноста во врска со ВМРО-ДПМНЕ) и ќе и потшепнам: Прво, Во доктрината од 2008г. ги има сите принципи на македонскиот конзервативизам, идентитетот на ВМРО-ДПМНЕ и основните правци на дејствување; Второ, во Политичката доктрина од 2021г. има 23 темелни вредности(нов вредносен систем на партијата), 22 основни цели за остварување и 17 наши теми за Македонија(на темите да се обрати внимание бидејќи работејќи на нив ВМРО-ДПМНЕ победи и на локални, парламентарни, претседателски и повторно на локални избори. Има еден израз во во покерот, кога се бараат карти, од втора рака(во првото делење си добил слаби карти), “три па една“, епа така и ВМРО-ДПМНЕ, во низа нанижа четири изборни победи); И трето, во документите од 18 конгрес се зборува за: политичка зрелост (на партијата), историска свест (за Македонија), и европска ориентација (влез во ЕУ). Се зборува за стратешки идентитет и вредносна архитектура, за јасна идеолошка верикала, за слобода, достоинство, одговорност и државност. Се почнува со човекот, следува семејството, на што се надоврзува нацијата. Има залагање за пазарна економија, солидарност, култура, образование и се завршува со државотворност за/на Македонија. Тука, го поставувам прашањето: можат ли луѓе како што ги замислува колешката новинарка вмровците, да пишуваат вакви документи? За денес доста е. А замислете се ова е содржано само во еден документ. Останатите ќе ги коментираме во следните продолженија, а богами и ќе одговориме на прашањето.
(продолжува)
Сотир Костов
