Реформите во Судскиот совет се една од клучните теми за напредок во борбата за владеење на правото, а измените во Законот за Судски совет се во смисла на подобрување на квалитетот на оние кои конкурираат, изјави потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски, кој истакна дека e започната процедурата за новиот закон за Судскиот совет.
-Реформите во Судскиот совет се една од клучните теми за да можеме да направиме чекор напред во оваа борба за владеење на правото и во обвинителството. Измените во Законот за Судски совет се подобрување на стандардите во смисла подигање на квалитетот на оние коишто можат да конкурираат да бидат членови на Судскиот совет и појасно дефинирање на она апстрактна и често злоупотребувана фраза „истакнат правник“. Тоа би требало да биде сега нешто прилично по сериозно. Нам ни е битно во тој Судски совет да има луѓе кои што ќе можат да го вратат авторитетот на Судскиот совет, којшто сега е понизок и од нискиот рејтинг на правосудството во целина, рече Милошоски во гостувањето на Канал 5 телевизија.
Милошоски наведе дека во минатото често давал критики и ставови за претседателите на судскиот совет, бидејќи според него, на крајот цената ја плаќа владата, а не оние кои не ги исполниле очекуваните обврски во однос на владеење на правото.
-И затоа сум имал често и свои ставови и одредени критики кон претходниот претседател на Судскиот совет, актуелниот претседател на Судскиот совет, кон Весна Дамева, кон сите нив, затоа што сметам дека на крајот цената ја плаќа Владата без разлика дали тоа била претходната или сегашната, а не ја плаќаат цената оние кои што не си ги исполнуваат задачите кои се очекуваат од јавноста оправдано по однос на владеење на правото, рече Милошоски.
Дополни дека за следната година секако се предвидени повеќе средства, но, како што рече „мислам дека и судиите и обвинителите ќе треба навистина подобро да ги оправдаат“.