Врховниот суд на САД соопшти дека ќе ја разгледа законитоста на извршната наредба на претседателот Доналд Трамп, чија цел е укинување на правото на државјанство по раѓање, со кое автоматски се доделува државјанство на секое лице родено на територијата на САД.
Планот, издаден на почетокот на вториот мандат на Трамп, е првиот сегмент од неговата имиграциска агенда што Врховниот суд ќе го разгледува по суштинска правна основа, пренесува Си-Би-Ес. Ниеден понизок суд што ги разгледувал правните оспорувања на наредбата не го прифатил толкувањето на 14. амандман што го застапува администрацијата на Трамп. Министерството за правда, меѓутоа, тврди дека тие одлуки се погрешни и дека Уставот не доделува државјанство на деца „на привремени посетители или илегални странци“.
Амандман предвидува дека „сите лица родени или натурализирани во САД и кои подлежат на нивна јурисдикција“ се државјани на САД.
Сесилија Ванг од Американската унија за граѓански слободи, која ги застапува тужителите, посочи дека ниту еден претседател не може да го смени ова уставно начело и дека повеќе од 150 години важи правилото дека секој роден на тлото на САД е државјанин од раѓање.
Трамп ја издаде наредбата првиот ден по враќањето во Белата куќа. Со неа се предвидува дека децата родени во САД од родители кои престојуваат во земјата илегално или привремено нема да бидат признаени како државјани.
Тоа би значело промена на ставот кој повеќе од еден век гарантира државјанство, освен за децата на дипломати и странски воени лица.
Врховниот суд уште во 1898 година пресуди дека државјанството се определува врз основа на местото на раѓање. Наредбата на Трамп никогаш не стапи во сила поради низа правни предизвици. Пониските судови ја блокираа, а Врховниот суд претходно ги ограничи овластувањата на окружните судови за издавање национални забрани, но дозволи широка правна заштита преку колективни тужби.
По таа одлука, беа поднесени тужби во име на две бебиња, нивните родители и една бремена жена во Њу Хемпшир. Сојузниот окружен суд оцени дека наредбата веројатно е неуставна и ја забрани нејзината примена на национално ниво. Врховниот суд сега го разгледува овој случај пред да се изјасни Апелацискиот суд за Првиот округ.
Судот не постапи по друга жалба поднесена од државите Вашингтон, Аризона, Илиноис и Орегон, додека Апелацискиот суд за Деветтиот округ веќе пресуди дека наредбата е неважечка бидејќи е спротивна на 14. амандман.
Министерството за правда бара од Врховниот суд да одлучи за уставноста на оваа наредба. Се очекува расправите да се одржат следната година, а одлуката да биде донесена кон крајот на јуни или почетокот на јули.