Настанот „F1H2O“ е дел од светското првенство во трка со високо-туражни моторни чамци, за кои основано се проценува дека имаат негативно влијание врз животната средина, живиот свет и еко-системот, настани што вообичаено се одржуваат на отворени водени површини како мориња и океани, а не на затворени водни површини како што е Охридското Езеро.
Проценките спроведени од страна на самиот организатор и стручни лица од областа на заштита на животната средина, покажуваат дека на настанот ќе бидат ослободени приближно 1.639.089 килограми јаглероден диоксид (CO2), што во воздухот така и во самото езеро.
Според покренувачите на иницијативата за спречување организација на таквниот наста, за време на самата трка во водата и во воздухот за само неколку дена ќе бидат ослободени штетни гасови еквивалентни на оние што ги испуштаат моторните возила како на брегот така и во водата во текот на цела календарска година.
„Исто така ќе бидат потребни 4.300 метри квадратни паркинг-простор за да се сместат 43-те тимови или 129-172 камиони ангажирани за логистика на настанот. Самата стартна платформа ќе биде изградена во езерото на длабочина од 20 метри каде што се наоѓа литоралната зона, просторот каде се мрестат и живеат рибите од езерото“, предупредуваат иницијаторите на акцијата за спречување организација такви еколошко-неприфатливи настани на езерото.
За тоа какви се можат да бидат негативните влијанија на одржувањето сличчни настани на Охридското Езеро, повеќе ќе биде презентирано на прес-конференцијата што за утре ја закажаа претставници на Националната установа „Хидробиолошки завод – Охрид“ и на граѓански здруженија и оасоцијации од Македонија и од Албанија.
Закажаната прес-конференција е предвидена за утре во Охрид со почеток од 12 часот.