Најмалку 176 лица загинаа во поплавите предизвикани од поројните дождови во Индија и Пакистан во изминатото деноноќие, а десетици се водат како исчезнати, соопштија локалните власти.
Спасувачите евакуираа речиси 1.600 луѓе од планинските области во двете соседни земји.
Ваквите обилни дождови и грмотевици се вообичаени во хималајските региони на Индија и северен Пакистан, каде што предизвикуваат поплави и лизгање на земјиштето. Експертите велат дека бурите стануваат сè почести поради климатските промени.
Во Кашмир, кој е под контрола на Индија, спасувачите денеска трагаа по исчезнати лица во оддалеченото хималајско село Чосити, откако во ненадејните поплави загинаа најмалку 60 лица, а најмалку 80 се водат како исчезнати, соопштија локалните власти.
Спасувачките екипи ги прекинаа операциите преку ноќ, но вчера успеаја да спасат најмалку 300 лица, откако силна грмотевица предизвика ненадејни поплави и лизгање на земјиштето во областа. Локалните власти веруваат дека многу од исчезнатите биле однесени од водата.
Најмалку 50 тешко повредени лица се однесени во локалните болници, од кои многумина се спасени од лизгање на земјиштето и остатоци. Мохамед Иршад од канцеларијата за управување со катастрофи изјави дека бројот на исчезнати може да се зголеми.
Метеоролозите предвидуваат уште обилни дождови и поплави во областа.