Аеродромот „Ил Караваџо“ во близина на италијанскиот град Бергамо привремено ги прекина летовите поради инцидент на пистата, за кој локалните медиуми објавија дека е предизвикан од лице кое втрчало на пистата и било вовлечено во моторот на авионот.
Управата на аеродромот Бергамо-Милано објави дека сите летови на аеродромот Бергамо-Орио ал Серио се прекинати од 10:20 часот наутро до пладне по локално време „поради проблем што се појавил на патеката за полетување“, пишува АП.
Истрагата е во тек.
Весникот „Кориере дела Сера“, повикувајќи се на неименувани службеници на аеродромот, објави дека некој втрчал на пистата додека авионот полетувал и бил вовлечен во моторот.
Засега, сè уште не е познато како и зошто починатото лице завршило на пистата, бидејќи не бил ниту патник ниту вработен на аеродромот.
Авионот, Ербас А319 управуван од Волотеа, летал од Орио до Астурија, Шпанија.