Навистина е претешка темава и треба многу да се внимава што се зборува на истата, без разлика дали сме власт или опозиција. Се мислев долго време дали да земам збор, дали да побарам процедурални или да се јавам за реплика.
Паузава од еден час ја искористив за да го напишам мојов говор, кој едно 10 пати и го исчитав, само и само за да бидам превнимателна и за да не навредам никого, ако е тоа возможно.
На 16 март утрото изгореа млади луѓе во пламени јазици. На 16 март утрото изгореа млади луѓе од вдишување чад и јаглерод моноксид. На 16 март изгоре Кочани. Утредента почина и возачот на брзата помош, се претпоставува – заради преголем напор, после случената трагедија. После неколку дена првичниот број од 59 се зголеми на вкупно 62. Не верувам дека од тој 16 март било кој од нас и било кога – ќе го заборави овој датум. Семејствата на починатите изгубија најблиски, најсакани. Тој ден тие ги изгубија душите.
Претпоставувам дека секој од нас присутните денес, најмногу заради нашата возраст, изгубил близок и знае што значи тоа. Смртта не се надоместува. Може, со текот на годините, да се отрпне на болката, да се навикне на болката, но никогаш не може да исчезне таа болка по ближниот. Што е најтрагично, но премногу реално: загубата на живот со ништо не може да се надомести.
Не случајно постарите, после изразување сочувство, ни возвраќаат со: „Да се живи пријатели“. И не верувам дека има човек во Македонија, па и надвор од неа, кој не сочувствуваше, кој не сака да помогне, кој не си помислил барем еднаш: ах, зошто се случи сево ова?!?
Колегите со поднесените амандмани за Кочани верувам дека се најдобронамерни, дека на овој начин покажуваат грижа и емпатија, дека сакаат да помогнат.
И, сега, не можам, а да не потсетам или прашам: Дали вакви амандмани имавме ние изминативе 5 или 3 години, а после трагедиите во Ласкарци – ’19 та и во Тетово и Бугарија – ’21 ва. Дали на било кој ребаланс или буџет, после овие несреќи, ние – како опозиција поднесовме вакви амандмани?!?
Или еве, да не биде дека е ова упатено само кон колегите од СДСМ, да се запрашаме сите ние, замислете, за 30 години водење своја држава, замислете да се трошеа парите наменски, домаќински, да се вложуваше во здравството, да се инвестираше во вистински квалитетни и совесни кадри, да ја градевме совеста за одговорност кај секој наш граѓанин, замислете кај ќе бевме денес?!? Дали ќе си ги префлавме причините за несреќите едни кон други или ова воопшто немаше да се случи или, евентуално да се случеше слична несреќа, ние ќе бевме подготвени веднаш, немаше да ни требаат пријателските држави за помош, немаше секој еден од нас да донира средства во Црвениот крст…. Немаше… Немаше… Уште многу немаше…
Но, реалноста ни е оваа, за жал. Како кажа некој – животот ни стана многу евтин. За жал. Но, во спуштената цена на животот сме учествувале сите – кој помалку, кој повеќе, кој свесно, кој несвесно. И, не случајно, како политичари, сме меѓу најозлогласените, ако можам да кажам. Не случајно донесовме одлука онојпат – да не заседаваме првите две недели после Кочани. Не случајно.
И, не сакам ниту да поентирам, ниту да враќам со ист аршин. Сакав да премолчам, ама некои работи мора и треба да се кажат.
Некој од колегите кажа дека семејствата од Кочани бараат и заслужуваат почит, поддршка и рехабилитација. Ги имаат. Но, не секој сака да прави приказна за на социјалните мрежи. Не секој може лесно да се фали со ваква пружена помош, ако може да ја наречеме помош
Понатаму, некој тврдеше дека никој не сакал да разговара со семејствата на починатите и повредените. И ова не е точно. Не сакам ничие име да злоупотребам, најмалку за да задоволам нечии страсти, но има луѓе кои секојдневно се во контакт со овие семејства. Немојте говорницава, ве молам, немојте да ја направиме мегафон за рекла- кажала. Немојте Собраниево да ни стане римскиот колосеум од времето. Дајте сите, ама баш сите, да се засрамиме пред луѓето во црнина и да не се наддаваме со популизам и реваншизам. Доволно тој народ страдаше од неодговорност и неказнивост.
Не случајно и затоа не ја поднесовме интерпелацијата за Коцевски, која што беше најавена. За да бидеме сите заедно емпатични и да веруваме во професионализмот, барем овој пат, кога немаше око што не засолзи и душа што не се раскина. Нема да им помогнеме на семејствата на било кој починат, ако со ваква намера ги споменуваме нивните изгубени души. Дајте вистински да им помогнеме. Дајте да веруваме дека тоа е можно. Нема пара на овој свет што ќе ги воскресне нивните најмили. Од Кочани еден ден и Лондон да направиме, бројот на жртвите останува тој – истиот. Но, ќе остане и колективната меморија на сите, кои бевме сведоци на овој страшен пожар, за тоа кој – што кажал, но и за тоа кој – што превзел.
Денес, а и многу пати наназад, после несреќата, Премиерот соопшти дека Кочани е приоритет за Владата, дека здравјето на повредените е пред се’, дека психолошката состојба на сите истрауматизирани е под постојана опсервација и контрола. Дека ќе се помогне на секој можен начин. Дека ќе се изнајдат многу повеќе средства за Кочани. Но, за жал, по којзнае кој пат, ќе повторам, и покрај се’ – бројот на починатите и повредените ќе остане истиот.
Како пратеници, треба да внимаваме да не повредиме уште некоја душа, да не споменуваме работи и имиња кои не се за споменување и да оставиме на сегашната актуелна власт да ги превземе сите надлежности и механизми, за да може Кочани помалку да боли, за да може во Кочани повторно да се видат млади и насмеани лица, за да може во Кочани, еден ден, зошто да не, повторно да се слушне песна. Времето е премногу скоро после трагедијата, за да се расправаме ние тука – кој повеќе се грижи за семејствата.
Немојте да не ја запазуваме суштината и големината на она: „Да се живи пријатели“. Голема е пораката и значењето. Да бидеме вистински пријатели на Кочани и да помогнеме, а не да одмогнеме.
Срушена куќа, и од темели, може повторно да се издигне. Изгубен живот – никогаш.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, во чие време се случи оваа страшна трагедија, превзеде најкомплексна и координирана акција веднаш после несреќата. Веќе немаме повредени чии животи се во опасност, што значи дека ќе останеме на бројот 62, плус еден. Во тек е рехабилитација на повредените. Во тек се сите можни проекции и планови за Кочани и за семејствата на починатите и на повредените. Ќе им се помогне на секој можен начин во текот на целиот нивен живот. И не само финансиски.
Исто, и истрагата е при крај. Судскиот процес ќе започне и ќе трае… И сите експерти прогнозираат дека ќе трае долго. Ќе има повторни и повторни преживувања на трагедијата. На крајот, ќе има и осудени, и затворени – претпоставувам.
Но,ќе повторам: се’ ќе има еден ден, но овие млади изгубени животи- не.
Нека им е вечна славата. Никогаш да не ги заборавиме и никогаш повеќе да не дозволиме било што, слично на Кочани, да ни се случи.
Како што се обединивме околу гласањето на измените на законот за пиротехнички средства, ама, за жал, откако се случи таа несреќа, така и сега да се обединиме и да не фрламе сол врз свежите рани.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата има план како да се помогне. Со овој ребаланс тоа е навистина невозможно да се случи, затоа што знаете што начекавме пред една година. Да следиме будно како пратеници и да бидеме вистински пријатели на семејствата на починатите од Кочани.
Како пратеничка група нема да ги поддржиме амандманите за Кочани, не затоа што ги предлагаат колегите од сдсм, туку затоа што владата, на чело со премиерот Мицкоски веќе е насочена на многу поопсежна и многу поголема помош, која може да надомести се’, но изгубените животи, ќе повторам по којзнае кој пат, за жал – не.
Тука ќе завршам и најавувам дека, чија и да било реплика после ова – нема да добие мое внимание и време, исклучиво заради почит кон семејствата и починатите од Кочани. Благодарам.