По Македонија, официјална Софија блокира уште еден сосед во евроинтегарциите. Бугарија и уште 7 земји од ЕУ вчера го блокираа отворањето на нов кластер за Србија од преговорите за членство во Европската Унија. Против отворањето на Кластерот 3 за Белград, покрај Бугарија биле и Хрватска, Холандија, Финска, Шведска, Литванија, Летонија и Естонија.
За потсетување, бугарскиот претседател Румен Радев при неговата неодамнешна посета на Србија, не само што се закани за блокирање на Белград на патот кон ЕУ, туку и прецизираше какви услови ќе се скенираат од бугарската влада при носењето на одлуките за Србија.
– Главниот критериум по кој ќе го судиме и поддржуваме напредокот на земјите од Западен Балкан е токму положбата на нашите сонародници во секоја земја. Условите за економски и социјален развој и пред сè нивната способност да го бранат својот национален идентитет, јазик, култура и историја – објасни Радев.
Сепак, за да се разбере вчерашната одлука на Бугарија за ветото кон Србија, регионалните медиуми за оваа проблематика пишуваат дека одговор за тоа треба пред сè да се бара во пораките на бугарските политичари кон политиката на Србија дадени во минатото кога стануваше збор за правата на бугарското малцинство во земјата.
Имено, српски Блиц на оваа тема неодамна напиша дека ова е само продолжување на политиката на Софија на Балканот кога станува збор за заштита на бугарското малцинство во соседните земји.
Бугарскиот претседател Румен Радев во неговата последна посета на Србија најави дека неговата земја би можела да ја преиспита поддршката за Србија кон Европската Унија поради, како што рече, како Белград се однесува кон бугарското малцинство во земјата. Со оглед на тоа дека Софија има историја на блокирање на нови членови, прашањето е колку е моќен овој кренат прст? И, како може да изгледа тоа, наведува медиумот.