„Имаме потврда од неколку банки, очекувам најголем дел од банките да застанат позади овој проект, односно овие 250 милиони евра конечно од понеделник да бидат поделени до оние на кои им е потребно, односно македонското стопанство. Договорена е каматна стапка од 1,95%, до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите“.
По оваа најава на премиерот Христијан Мицкоски, која е добра вест за македонското стопанство, не стивнуваат позитивните реакции.
-Ценам дека ова е историски договор, со историски најниска каматна стапка. Условите се минимум 20% да има сопствено учество, што значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Ќе имаат можност сите оние компании кои што ќе ги вложат овие средства во основни средства за работа, но и оние кои ќе вложат во обновливи извори на енергија, но и оние кои ќе вложат во објекти кои ќе ги користат како административни објекти, за сопствена потреба, посочи Мицкоски.
КУРИР побара став и од македонсмиот економист, поранешен министер за финансии и одличен познавач на состојбите во македонската економија, Проф. д-р Трајко Славески.
-Мерката може да се подведе во групата мерки од доменот на “индустриски политики” што владите ширум светот ги користат за поддршка на своето стопанство. Во нашиот случај мерката е насочена за поддршка на витални домашни компании со планови за инвестиции за модернозација на своите производствени процеси. Значително е олеснет пристапот до кредити под, за наши прилики, екстремно поволни услови. Со каматна стапка од 1,95% како трошок за позајмените средства низа проекти кои би биле непрофитабилни со тројно повисока пазарна каматна стапка, стануваат профитабилни, вели Славески за КУРИР.
Тој оценува дека барањето за сопствено учество од 20% е насочено кон мобилизација на сопствените средства на компаниите.
-Иако според објавените услови е допуштено средства од овој заем да може да се користат и за инвестиции во административни згради и други простории, сметам дека предност треба да имаат компаниите што инвестираат во современа опрема, посочи Славески.