Свет САД

Помпео: Трамп да не дозволи Путин да „помине“ низ Украина

Овој став го потврди и Панета и истакна дека Украина на многу начини се бори и за други демократии.

Помпео: Трамп да не дозволи Путин да „помине“ низ Украина

Поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео денеска изјави дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп по преземањето на функцијата ќе заземе поостар став за руската војна во Украина од оној што го искажа за време на изборна кампања и оти нема да дозволи рускиот претседател Владимир Путин да „помине“ низ Украина.

– Претседателот Трамп нема да дозволи Владимир Путин да помине низ Украина. Повлекување на финансирањето за Украинците би резултирало со тоа и целиот негов тим ќе му го каже тоа, рече Помпео на Глобалниот форум во Њујорк за време на панелот со поранешниот директор на ЦИА и министерот за одбрана Леон Панета, пренесува американскиот магазин „Форчн“.

Поранешниот американски државен секретар за време на претходната администрација на Трамп од 2017 до 2021 година, Помпео изрази надеж дека Трамп ќе ја препознае потребата за цврст став на Западот за „руската агресија против Украина“.

– Кинескиот претседател Си Џинпинг и иранскиот ајатолах Али Хамнеи чекаат да видат дали Западот ќе победи или ќе му попуштат на Путин, истакна Помпео.

Овој став го потврди и Панета и истакна дека Украина на многу начини се бори и за други демократии.

– Пораката што му се испраќа на Путин е многу важна порака што мора да му се испрати на Си Џинпинг, мора да биде испратена до врховниот лидер на Иран, мора да биде испратена до Ким Џонг Ун – дека тие не можат само да застанат на патот на суверениот демократии, рече Панета.

Трамп на својата социјална мрежа „Truth Social“ во саботата објави дека Помпео и поранешната амбасадорка во Обединетите нации Ники Хејли нема повторно да се приклучат на неговата нова администрација. И Хејли и Помпео ја поддржуваат Украина од почетокот на војната. (МИА)

Најнови вести од Свет

To top