Останати спортови

Околу 150.000 луѓе ќе го пречекаат олимпискиот факел во Марсеј

Околу 150.000 луѓе ќе го пречекаат олимпискиот факел во Марсеј

Околу 150.000 луѓе на 8 мај во Марсеј се очекува да го пречекаат олимпискиот оган, кој ќе пристигне со францускиот брод „Белем“ од Грција, објавија денеска организаторите на Игрите во Париз.

Факелот беше запален денеска во античка Олимпија и ќе патува низ Грција 11 денови пред да пристигне во пристаништето Пиреја, јужно од Атина, каде на 26 април ќе се качи на бродот „Белем“ за Марсеј.

Пред да влезе во Старото пристаниште, бродот изграден во 1896 година ќе продефилира низ пристаништето во Марсеј каде што ќе го следат 1.024 чамци. Во текот на целиот ден е планирана забава на копно и на море.

„Тука сè ќе биде бесплатно“, рече градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан.

Во 19.00 часот „Белем“ ќе влезе во Старото пристаниште, поздравен со огномет, музика од оркестарот на Марсејската опера и навивачи на локалниот фудбалски клуб Олимпик.

Кога бродот со три јарболи ќе биде закотвен, првиот носител на факелот кој ќе стапне на француска почва – чиј идентитет е строго чувана тајна – ќе се спушти од „Белем“ и ќе мине десетина метри во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон.

Олимпискиот оган ќе го почне своето патување низ Франција на 9 мај од Марсеј, пред да пристигне во Париз на денот на свеченото отворање на Олимписките игри на 26 јули.

To top