Свет „Ноје оснабрикер цајтунг“

Значаен раст на бројот на напади врз бегалци во Германија

Минатата година Германија доживеа најголем прилив на бегалци и баратели на азил од 2016 година.

Значаен раст на бројот на напади врз бегалци во Германија

Германската полиција минатата година забележала најголем број напади врз бегалци од 2016 година, наведува денеска весникот „Ноје оснабрикер цајтунг“.

„Во 2023 година полицијата евидентирала 2.378 напади врз бегалци, од кои 313 биле насилни престапи во кои биле повредени 219 лица“, пишува „Ноје оснабрикер цајтунг“, повикувајќи се на податоци на германското МВР.

Тоа значи дека има речиси двојно повеќе напади во однос на 2022 година, кога биле забележани вкупно 1.248 напади.

Истовремено, во земјата биле регистрирани и 180 напади врз сместувачки капацитети на бегалци.

Претставничката на партијата Левица, Клара Буенгер, која и го постави прашањето до МВР за бројот на напади, смета дека и не е изненадувачки зголемениот број напади врз бегалците, имајќи го предвид заострувањето на политиката на Европската унија и германската Влада кон нив и растечката популарност на десничарската популистичка Алтернатива за Германија (АфД).

-Не е ни чудо што во ваквата општествена атмосфера, расистите се чувствуваат зајакнати и ја канализираат оваа атмосфера во акти и напади врз бегалците, рече Буенгер.

Минатата година Германија доживеа најголем прилив на бегалци и баратели на азил од 2016 година. (МИА)

To top