Поранешниот шеф на иранската дипломатија Мохамед Џавад Зариф денеска соопшти дека поднел оставка од новата функција потпретседател на Иран за стратешки прашања.
– Минатата недела дадов оставка од функцијата потпретседател за стратешки прашања, напиша Зариф на платформата Икс, помалку од две недели откако новоизбраниот претседател на Иран, Масуд Пезешкијан, го именува за еден од неговите неколку заменици.
Зариф наведе неколку причини за својата оставка, а пред сè посочи дека тоа го направил затоа што бил разочаран од составот на новопредложената 19-члена влада.
Тој наведе дека не може да ги спроведе препораките на комисиите одговорни за избор на кандидати, како што вети и во новата влада да вклучи жени, млади и етнички групи.
Пезешкијан вчера пред Парламентот го претстави својот кабинет, во кој има една жена.
Зариф преговараше за нуклеарниот договор што беше постигнат меѓу Иран и светските сили во 2015 година.