Свет Избори во САД

Во 12 американски сојузни држави денеска се гласа за гувернери, судии, градоначалници

Во неколку американски сојузни држави денеска ќе се одржат избори на кои ќе се гласа за нови државни собранија, гувернери, судии, градоначалници или гласачите ќе го кажат своето мислење за прашања како што се абортусот.

Прашањето за правото за прекин на бременоста е главна тема во кампањите од Кентаки, преку Охајо до Вирџинија.

Гувернерот на Кентаки, демократот Енди Бешир, се кандидира за втор мандат во државата во која двапати победи Доналд Трамп. Негов противкандидат е републиканецот Даниел Камерон, кој го наследи Бешир на функцијата државен обвинител.

Бешир го нарече рестриктивниот закон за абортус во Кентаки „екстремистички“, бидејќи прекинувањето на бременоста не е дозволено дури и во случаи на силување и инцест. Тој стави вето и на предлог-законот со кој се забранува абортусот по 15-тата недела.

Камерон, од друга страна, го поддржува државниот закон, но исто така вели дека како гувернер би ги поддржал правата за абортус во случаи на инцест и силување – така што не е јасно за што точно се залага.

Бешир моментално води со половина процент. Камерон има поддршка од Трамп.

Избирачите во Охајо ќе гласаат за амандман на државниот устав кој ги штити правата на абортусот.

Амандманот го утврдува правото „секој да носи одлуки за сопствената репродукција“, што вклучува абортус, контрацепција и лекување на неплодност.

На референдумот во август, гласачите го отфрлија предлогот да се отежне пристапот до абортус. Тоа гласање привлече големо внимание на национално ниво бидејќи се сметаше за борба на микро ниво за репродуктивни права.

Денеска се избираат и двата дома на државното собрание на Вирџинија. Републиканците во моментов имаат мнозинство во Долниот дом, додека Сенатот е предводен од демократите.

Доколку републиканците освојат мнозинство во Претставничкиот дом, тие ќе имаат целосна контрола врз таа држава. Тоа ќе значи дека републиканскиот гувернер Глен Јанкин ќе може полесно да ја спроведе забраната за абортус по 15-та недела, со исклучок на силување, инцест и загрозување на животот на мајката.

Тоа беше едно од главните прашања во кампањата на демократите.

Изборите во Охајо, Кентаки и Вирџинија се оценети како најважни, но не се единствените, се гласа во вкупно 12 држави.

To top