Специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ќе ја посети Русија по неговата посета на Израел, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп не даде дополнителни детали за распоредот на Виткоф, кој во минатото имаше обемни разговори во Москва со рускиот претседател Владимир Путин.
Американскиот претседател му даде рок на Путин до 8 август да постигне договор за прекин на борбите во Украина и се закани дека ќе воведе економски санкции врз Русија ако тој не го стори тоа.
Тој вчера остро го критикуваше „одвратното“ однесување на Русија кон Украина и рече дека планира да воведе санкции врз Москва доколку не се постигне договор.
Американскиот претседател им рече на новинарите во Овалната соба на Белата куќа дека не е сигурен дали санкциите ќе ја одвратат Русија.