Од почетокот на израелско-иранската војна, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху активно бара вклучување на САД во конфликтот. Причината за барањето на Тел Авив, според Washington Post, е американската бомба GBU-57, позната како „разбивач на бункери“.
Овој американски весник пишува дека ова моќно оружје е главната причина за барањата на Нетанјаху до Вашингтон и дека може да ги таргетира иранските нуклеарни објекти лоцирани под земја.
Во овој контекст, важна е бомбата GBU-57, оружје од 13,6 тони, познато и како MOP (Massive Ordnance Penetrator) кое има способност да се „закопа“ во земјата, а потоа да експлодира.
Иако е најтешкото конвенционално оружје во американскиот арсенал, оваа бомба не е наменета да уништува површински објекти.
Командантите се потпираат на нејзината прецизност водена од GPS за да погодат специфични, добро бранети цели и да уништат она што конвенционалните бомби не можат да го достигнат. Според експертите, нема јавни извештаи дека MOP е користен во борба.
Службеници на Министерството за одбрана изјавија дека MOP е способен да продира до 60 метри (200 стапки). Но, сега се верува дека е уште поспособен по понатамошниот развој во текот на изминатите две децении, изјави за Washington Post Тревор Бол, поранешен техничар за отстранување на експлозивни направи во американската армија.
Иако Израелците се потпирале на американска муниција за време на нивните разорни воздушни војни во Газа, Либан и Иран, нивните борбени авиони не можат да го носат MOP. B-2 Spirit, американскииот невидлив бомбардер, е единствениот авион на воздухопловните сили на САД што може да го користи MOP, соопшти службата.
Според воздухопловните сили, 19 B-2 се моментално оперативни. Иако лета со субсонична брзина, B-2 може да се наполни со гориво во воздух, што му овозможува да лета на извонредни растојанија.
За време на војната во Косово кон крајот на 1990-тите, пилотите на B-2 летаа напред-назад од нивната воздухопловна база Вајтман во Мисури за да погодат цели. Во 2017 година, два B-2 летаа 34 часа за да ги погодат камповите на Исламска држава во Либија.
Неодамнешните надградби на MOP вклучуваат решавање на нејасно опишан „проблем со интеграцијата“ со авионот B-2, соопштија воздухопловните сили минатата година.
Службата, исто така, соопшти дека тестира технологија што може да помогне во уништувањето на цели во случаи кога разузнавањето за подземните структури е ограничено. Паметен фитил на MOP може да детектира празнини на патот надолу, како што се соби и подови, и да детонира во оптималниот момент, рече Бол.