Федерални агенти на американската имиграциска служба- ICE денеска за време на интервенција во Минеаполис убија маж, потврдија извори блиски до истрагата.
За помалку од три недели ова е втор смртоносен инцидент во кој се вклучени имиграциските агенти, што дополнително ги разгоре тензиите во Минеаполис, градот во кој со недели има протести против федералните власти.
Според достапните информации, мажот бил застрелан во областа на Јужен Минеаполис, а подоцна беше потврдено дека починал од здобиените повреди.
Шефот на полицијата во Минеаполис изјави дека кога полицајците пристигнале на местото на пукањето, во кое биле вклучени федерални агенти, пронашле маж со повеќекратни прострелни рани. Тој потврди дека мажот починал и дека, врз основа на „многу ограничени информации“, се верува дека станува збор за 37-годишен бел маж, жител на Минеаполис и американски државјанин.
Министерството за внатрешна безбедност на САД (DHS) ја објави својата верзија на настаните во врска со пукањето во Минеаполис во кое федералните агенти на ICE убија еден човек, тврдејќи дека имал намера да нападне полицајци.
Според соопштението на DHS, во 9:05 часот утрината, еден човек им се приближил на агентите на Граничната патрола додека тие спроведувале операција против лице кое го опишале како „нелегален имигрант“. Министерството наведе дека човекот бил вооружен со полуавтоматски пиштол од 9 милиметри.
Фотографија од оружјето ја објави Министерството на социјалната мрежа X.

DHS тврди дека агентите се обиделе да го разоружаат човекот, но дека тој „се спротивставил со сила“.
-Плашејќи се за сопствениот живот и за животите и безбедноста на своите колеги, агентот испукал истрели во одбрана. Медицинскиот тим што бил на местото на настанот веднаш пружил помош, но човекот бил прогласен за мртов на местото на настанот, се додава во соопштението на Министерството за внатрешна безбедност.
Министерството наведува дека човекот со себе имал два шаржера со муниција и дека немал документи за идентификација.
Во соопштението за медиумите, дополнително се тврди дека сите околности укажуваат на фактот дека човекот имал намера да предизвика најголеми можни последици.
„Се чини дека ова е ситуација во која едно лице сакало да нанесе максимална штета и да масакрира припадници на полицијата“, се додава во соопштението на Министерството за внатрешна безбедност.
Според DHS, по пукањето, околу 200 демонстранти, опишани од Министерството како „бунтовници“, пристигнале на местото на настанот. Затоа, како што наведуваат, биле воведени мерки за контрола на насобраните и обезбедување на областа.
Истрагата за околностите на пукањето сè уште е во тек, бидејќи локалните и федералните власти продолжуваат да споделуваат информации за настанот што дополнително ги засили тензиите во Минеаполис.
На социјалните мрежи се појави видео за кое се тврди дека го прикажува самиот момент на пукањето. Видеото прикажува голем број маскирани федерални агенти како го опкружуваат човекот и го туркаат на земја.
Во еден момент се слушаат истрели, по што агентите се оддалечуваат, додека човекот лежи неподвижен на грб на улицата.
Автентичноста на снимката сè уште не е независно потврдена.
A federal agent opened fire on a man in Minneapolis' Eat Street neighborhood in south Minneapolis on Saturday morning.
For more on this story: https://t.co/QeFk0sdj46 pic.twitter.com/MPvyYpoYb4
— Bring Me The News (@bringmethenews) January 24, 2026
По пукањето, на местото на настанот се собрале минувачи и демонстранти, навредувајќи ги федералните агенти, нарекувајќи ги кукавици и барајќи од нив да го напуштат градот. Според извештаите од теренот, еден од агентите иронично дофрлил „ох, кутрите вие“ кон толпата, додека други агенти во друг дел од улицата турнале демонстрант што викал во полициско возило.
Федералните агенти употребиле солзавец и димни бомби за да ја растераат толпата. Две раскрсници во јужниот дел од градот биле привремено затворени за сообраќај, а на теренот имало голем број маскирани федерални службеници.
Одделот за внатрешна безбедност соопшти дека прелиминарните информации укажуваат дека човекот имал огнено оружје со две шаржери муниција. Министерството вели дека ситуацијата е сè уште „во развој“ и дека се собираат дополнителни информации.
Денешното убиство се случува малку повеќе од две недели откако Рене Никол Гуд, мајка на три деца, беше убиена во Минеаполис.
Гувернерот на Минесота, Тим Волц, се огласи на социјалните мрежи за да каже дека разговарал со Белата куќа по она што го нарече „уште едно ужасно пукање од страна на федерални агенти“.

-На Минесота и е доста. Ова е одвратно. Претседателот мора да ја заврши оваа операција. Повлечете ги илјадници насилни, необучени полицајци од Минесота. Веднаш, рече Волц.