Најмалку 174 Палестинци загинаа, а 310 се повредени во последните 24 часа во израелските напади врз Појасот Газа, соопшти денеска Министерството за здравство на палестинската енклава, пренесува Анадолија.
Во соопштението се наведува дека израелските сили во последните 24 часа извршиле 18 масакри.
Тие додаваат дека многу луѓе се уште се заробени под урнатините и на патиштата, бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив.
Со последните палестински жртви, бројот на убиените во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври се искачи на 26.257, а 64.797 се повредени, соопшти Министерството.
Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничен напад на палестинската група Хамас во октомври минатата година.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена. (МИА)