Турција е вклучена во напорите за посредување за завршување на војната во Иран, изјави денеска заменик-претседател за надворешни односи на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП), Харун Армаган.
Тој за Германската новинска агенција (ДПА) истакна дека Анкара веќе некое време пренесува пораки меѓу двете страни за да ги намали тензиите и да помогне во подготовката на теренот за разговори.
Армаган предупреди дека местото за потенцијални директни преговори сè уште не е утврдено.
Министерството за надворешни работи на Турција одби да ја коментира изјавата на Армаган.
Претходно, военото раководство на Иран ги отфрли извештаите дека Техеран е вклучен во преговорите за завршување на војната.
Пакистанските власти и американските медиуми, вклучувајќи ги „Аксиос“ и „Њујорк тајмс“, објавија дека Вашингтон му презентирал на Техеран план од 15 точки за прекин на конфликтот, доставен преку Исламабад, во кој се бараат значителни отстапки од иранското раководство.