Парламентот на Турција утре ќе гласа за членството на Шведска во НАТО, јави денеска приватниот информативен канал Си-Ен-Ен Турк.
Со тоа завршува повеќе од една година чекање од страна на западните сојузници на Анкара, Турција да го ратификува пристапот на Шведска во северноатлантската воена алијанса.
По тој чин, Унгарија би останала последна пречка за процесот на пристапување на земјата во НАТО.
Шведска и нејзиниот сосед Финска беа воено неутрални земји во текот на Студената војна и потоа.
Сепак, по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, двете земји се откажаа од својата неутралност и побараа да се приклучат на НАТО.
Во меѓувреме, Финска беше примена во Алијансата, а Турција долго време го условуваше приемот на Шведска.