Свет

Трамп и честиташе на Такаичи за победата на ЛДП на парламентарните избори во Јапонија

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска и честиташе на јапонската премиерка Санае Такаичи за изборната победа на нејзината партија, посакувајќи и голем успех во спроведувањето на конзервативната агенда по принципот „мир преку сила“.

Трамп и честиташе на Такаичи за победата на ЛДП на парламентарните избори во Јапонија

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска и честиташе на јапонската премиерка Санае Такаичи за изборната победа на нејзината партија, посакувајќи и голем успех во спроведувањето на конзервативната агенда по принципот „мир преку сила“.

Трамп во објава на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека Такаичи остварила историска победа на вчерашните избори, отворајќи го патот за спроведување на реформите. „Таа е многу почитувана и популарна лидерка“, наведе Трамп. Тој истакна дека народот на Јапонија, кој гласаше со таков ентузијазам, секогаш ќе ја има неговата силна поддршка.

Владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) на јапонската премиерка Санае Такаичи обезбеди двотретинско мнозинство на парламентарните избори одржани вчера, јавија јапонските медиуми, повикувајќи се на прелиминарните резултати.

Вкупниот број места што ги освои ЛДП, вклучувајќи ги и освоените мандати на коалициониот партнер Јапонската иновативна партија (ЈИП), достигна 309, пренесува јапонски Јомиури. Како што се наведува, со тоа е надминат претходниот рекорд од 308 места што ги освои тогашната Демократска партија на Јапонија кога ја презеде власта во 2009 година.

Телевизиската мрежа НХК претходно соопшти, повикувајќи се на прелиминарните резултати од пребројувањето на гласовите, дека ЛДП сама освоила 271 место и го надминала апсолутното мнозинство од 261 мандат во Долниот дом на јапонскиот парламент, кој брои 465 членови.

Според анкетите, главната опозициска партија, Центристичкиот реформски сојуз, кој беше формиран во јануари со обединување на членовите на долниот дом од Уставно-демократската партија на Јапонија и партијата Комеито, би требало да изгуби значителен број пратенички места.

Такаичи, која одржа висока популарност откако стана првата жена премиерка на Јапонија минатиот октомври, вети дека „веднаш ќе поднесе оставка“ од функцијата доколку коалицијата не успее да обезбеди мнозинство во Долниот дом на парламентот.

To top