Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез, кој собира поддршка ширум Европа за признавањето на независноста на палестинската држава, ги придоби Ирска и Норвешка, но не и Португалија откако конзервативците дојдоа на власт таму, објави шпанската јавна телевизија ТВЕ.
„Она што се случи овој викенд потврдува дека она што го заговараме со месеци е неопходно. Сега има два патишта отворени пред нас. Едниот води кон ескалација на војната, а другиот до прекин на огнот од сите страни. Од почетокот на оваа криза, Шпанија се залага за мировен процес со решение со две држави, а со тоа и взаемно признавање на Палестина и Израел“, рече Санчез на прес-конференцијата на која присуствуваше со новиот португалски премиер Луис Монтенегро.
Санчез претходно порача дека Шпанија има намера до јули да ја признае независната палестинска држава и дека наскоро може да се „создаде критична маса“ во ЕУ за тоа да го сторат и другите земји.
Во ова на Шпанија и се придружија Ирска и Норвешка, кои Санчез ги посети во пред неколку дена, но новоизбраната Влада на Португалија остана воздржана.
„Не сум толку далеку од признавањето на палестинската држава, но сметам дека решението за две држави треба да се донесе во мултилатерално опкружување“, рече Монтенегро. (МИА)