САД го покренаа ова прашање неколку пати со највисоките кинески официјални претставници во текот на изминатите три месеци, се посочува во написот.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан и неговиот заменик Џон Финер разговарале за ова прашање на состаноците овој месец во Вашингтон со Ли Џианчао, шеф на Одделот за меѓународни врски на кинеската комунистичка партија, пишува весникот.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен, исто така, го покрена ова прашање со својот кинески колега, се вели во написот на ФТ, додавајќи дека американските официјални лица веруваат дека Кина не била многу активна во притисокот врз Иран да ги заузда Хутите, освен благата изјава објавена од Пекинг минатата недела.
Претходно денеска, американската војска изврши напади во Јемен, уништувајќи два противбродски проектили на Хутите кои беа насочени кон Црвеното Море и беа подготвени за лансирање.
Пред два дена, американските и британските сили изведоа серија напади во Јемен, насочени кон подземно складиште на Хутите, како и ракети и опрема за надзор што ги користи групата поврзана со Иран против бродови во Црвеното Море.
Нападите на Хутите го нарушија поморскиот сообраќај и ги поттикнаа стравувањата од глобална инфлација. Тие, исто така, ја продлабочија загриженоста дека последиците од војната меѓу Израел и Хамас може да го дестабилизираат Блискиот Исток.
Вооружената група Хути, од Јемен, почна да напаѓа бродови во Црвеното Море кои на каков било начин се поврзани со Израел, како поддршка за Палестинците во Газа, каде од 7 октомври во израелски напади се убиени над 25 илјади луѓе, главно жени и деца.