Русија денеска оцени дека Украина отвора „втор фронт“ во Африка откако Мали го обвини Киев дека им помогнал на сепаратистичките бунтовници да организираат смртносен напад минатиот месец и ги прекина дипломатските односи.
-Украина „отвори втор фронт во Африка и им се додворува на терористички групи во оние земји на континентот кои се пријателски настроени кон Москва, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова.
Во неделата Мали соопшти дека ги прекинува дипломатските односи со Украина, обвинувајќи висок украински службеник дека признал дека Киев имал улога во убиството на повеќе платеници од руската група Вагнер, како и војници на Мали.
Туарешките бунтовници изјавија дека убиле најмалку 84 платеници и 47 малиски војници во текот на три дена борби кон крајот на минатиот месец на северот на таа западноафриканска земја, што веројатно е најтежок пораз на Вагнер откако влезе во конфликтот пред две години. Андриј Јусов, портпарол на украинската воена разузнавачка агенција (ГУР), на 29 јули за јавната телевизија Суспилне изјави дека малиските бунтовници ги добиле „сите информации кои им беа потребни, што им овозможи да ја изведат својата операција против руските воени злосторници“.
Мали во неделата соопшти дека „со длабок шок“ дознале тие изјави и дека Јусов „признал вмешаност на Украина во кукавички, подмолен и варварски напад на вооружени терористички групи што резултираше со смрт на припадници на малиските одбранбени и безбедносни сили“. „Веднаш ќе ги прекинеме односите“, беше наведено во изјавата на портпаролот на владата, полковник Абдулаје Маига.
Мали исто така ги цитираше коментарите на украинскиот амбасадор во Сенегал, Јуриј Пивоваров, кого Сенегал го повика во саботата поради видео објавено на Фејсбук во кое Пивоваров дава „недвосмислена и неквалификувана поддршка за терористичкиот напад“ во Мали.
Малиската војска призна дека претрпела пораз и забележала голем број загинати за време на конфликтот, но не објави бројки.
Војската на таа западноафриканска држава ја презеде власта со државен удар во 2020 година и како приоритет го постави повторното преземање на земјата од сепаратистите и радикалните групи поврзани со Ал-Каида и т.н. Исламска држава..
Исто така, се зближија со Русија, а Вагнер делува во Мали од крајот на 2021 година, заменувајќи ги француските трупи и меѓународните мировни сили. Се проценува дека платеничката група има околу 1.000 борци во Мали, но исто така е обвинета за помагање во спроведување на рации и напади со дронови во кои се убиени цивили.
Малиските власти ги отфрлаат обвинувањата.
Оваа недела, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров повторно ја потврди својата поддршка за Бамако во телефонски разговор со својот малиски колега Абдулаје Диоп. (МИА)