Свет

Репортери без граници најавија сателитски пренос на независни ТВ вести во Русија

Меѓународната организација „Репортери без граници“ (РСФ) соопшти дека „во следните недели“ ќе почне сателитско емитување на независни ТВ вести во Русија во борбата против тамошната пропаганда.

Репортери без граници најавија сателитски пренос на независни ТВ вести во Русија

Под името „Свобода“ (Слобода), тие ТВ информативни емисии на руски јазик ќе ги емитува операторот „Еутелсат“ со кој РСФ има потпишано договор, се вели во соопштението за медиумите на невладината организација со седиште во Париз.

– Тие вести на гледачите кои зборуваат руски ќе им овозможат пристап до широк опсег на информации од независни руски медиуми во егзил и меѓународните медиуми за да промовираат поразновидна медиумска содржина, се вели во соопштението.

„Свобода“ е амбициозна иницијатива за „превртување на логиката на пропагандата“, изјави генералниот секретар на РСФ, Кристоф Делоар.

На крајот на февруари 2022 година, по почетокот на руската инвазија на Украина, РСФ контактираше со француското регулаторно тело за медиуми (Arcom) и управните судови за да го прекинат емитувањето на три руски канали во Франција, кои организацијата ги обвини за „воена пропаганда“.

To top