Свет Американско-руски преговори

„Путин ќе го стори тоа за мене“: Трамп не знаел дека го снимаат, откриени детали од преговорите

Американскиот претседател Доналд Трамп несвесно откри дека очекува Владимир Путин да прифати договор за Украина поради него лично, во момент кога камерите и микрофоните сè уште биле вклучени.

„Путин ќе го стори тоа за мене“: Трамп не знаел дека го снимаат, откриени детали од преговорите

Американскиот претседател Доналд Трамп, без да е свесен дека микрофоните и камерите сè уште работат, изјави дека очекува рускиот претседател Владимир Путин да прифати договор за безбедносни гаранции за Украина. Оваа изјава ја даде на почетокот од состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски и повеќе европски лидери, за време на јавниот дел од средбата во Белата куќа.

„Да, да организираме трилатерален состанок. Мислам дека сака да прифати договор, поради мене. Знаеш колку тоа звучи чудно“, рекол Трамп во моментите кога мислел дека разговорот е веќе зад затворени врати. Не е познато точно кому била упатена оваа порака.

На средбата со Зеленски присуствуваа и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, претседателот на Финска Александар Стуб и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

Претходно, на 15 август на Алјаска, Трамп и Путин се сретнаа за да разговараат за можен прекин на огнот во Украина. Во јавноста потоа протече информација дека Путин поставил услови за прекин на огнот, на кои Трамп наводно се согласил.

Сепак, украинскиот претседател Зеленски категорично го одби предлогот за повлекување на украинските трупи од Доњецк. Поради тоа, новиот круг преговори е закажан за денес во Белата куќа, каде Зеленски овојпат ќе има поддршка од европските лидери.

Да потсетиме, претходниот состанок на Трамп и Зеленски во Белата куќа, одржан на 28 февруари годинава, заврши со жестока расправија и инцидент, по што украинскиот претседател беше избркан од Овалната канцеларија пред очите на медиумите.

To top