Претседателот на Колумбија, Густаво Петро денеска предложи Катар да посредува помеѓу САД и Венецуела, за Вашингтон да ги повлече воените бродови од меѓународните води, во близина на брегот на Венецуела.
Според него Катар е докажан посредник во тензични ситуации и оти се надева дека ќе биде успешен во убедување на САД да „престанат со ракетната агресија“ во Карипско Море.
Катар сè уште не го коментираше предлогот на Петро.
САД пред повеќе од еден месец распоредија 10 борбени авиони Ф-35 во Порторико, како и осум воени бродови и нуклеарна подморница во јужниот дел на Карипско Море, во близина на брегот на Венецуела, официјално како дел од операцијата против илегалната трговија со дрога, и уништија четири бродови, за кои се сомневаше дека шверцуваат наркотици, при што загинаа 21 лице.
За претседателот на Венецуела, Николас Мадуро распоредувањето на американските сили во Карипско Море е „вооружена агресија“ од страна на САД, обвинувајќи ги дека сузбивањето на шверцот на дрога го користат како изговор „за наметнување промена на режимот“ во Венецуела и конфискација на нејзините нафтени резерви, кои се меѓу најголемите во светот.
По најголемото распоредување на американски сили во Карибите во изминатите три децении Венецуела прогласи вонредна состојба, ги мобилизира вооружени сили и одобри вонредни мерки за заштита на стратешки локации и институции во услови на зголемени тензии. Мадуро повика на национална мобилизација наведувајќи оти суверенитетот на Венецуела можеби ќе треба да се брани од надворешна агресија.