Унгарија се стреми да се позиционира како глобален лидер во политиките погодни за семејството, со цел да ги охрабри раѓањата и да изгради посилна, помлада работна сила. Во овој контекст, започна реформа со која се воведуваат низа мерки.
Меѓу другото, има директни финансиски поволности за семејствата, субвенционирано домување за многудетни семејства, бесплатно образование и проширени социјални услуги насочени кон намалување на финансискиот товар од воспитувањето на децата.
Една од мерките е ослободување на некои мајки од плаќање данок на доход. Во 2020 година, Унгарија обезбеди целосно даночно олеснување за мајките со четири или повеќе деца. Во февруари 2025 година, премиерот Виктор Орбан, најави продолжување на мерката, прво на мајките со три деца од октомври 2025 година, а потоа и на мајките со две деца, од јануари 2026 година.
Тоа значи дека сите вработени мајки кои ги исполнуваат условите ќе можат да задржат 100 отсто од својата заработка и нема да плаќаат ниту цент данок на доход. Мајките со едно дете ќе бидат ослободени од плаќање данок до 30 години.
-Унгарија пишува историја со најголемото намалување на даноците во и низ западниот свет! Ова не е само реформа, тоа е почеток на нова ера за унгарската економија, повтори Орбан.