Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека поранешниот американски претседател Бил Клинтон во 1999 година, за време на неговиот прв мандат, барал од Унгарија копнено да ја нападне Србија за да отвори втор фронт во ек на војната во Косово.
Орбан ова тврдење го изнесе во текот на викендот на состанокот на Дигиталните граѓански кругови на Фидес во Сомбатхељ, пишува „Телекс“.
Според Орбан, Клинтон барал Унгарија да ја нападне Србија или „барем да пука на нив од Унгарија преку Војводина сè до Белград“. Владата на Орбан го одбила тоа, а на изречното барање на американскиот претседател одговориле со „Не, господине!“.
– Да имавме тогаш премиер кој знаеше да каже само „Да, господине“, ќе бевме во војна до гуша, заклучи Орбан.
Унгарскиот премиер изјави дека тогаш го прашал Клинтон што би се случило во тој случај со 300.000 Унгарци кои живеат во Војводина. Орбан исто така го предупредил Клинтон дека на истрел од една локација се возвраќа со оган и прашал: „Дали треба да дозволиме бомбардирање на Сегедин, дали е тоа планот? Или на Ходмезевашархељ и Мако?“
Орбан рече дека се договориле за тоа лично да разговараат на самитот на НАТО една недела подоцна, но тврди дека Американците тоа прашање повеќе никогаш не го споменале.
– Можно е да се каже „не“ кога за тоа имате храброст, им порача тој на присутните во Сомбатхељ. Орбан додаде дека за неколку години дипломатската историја ќе открие преку кои канали и информации го убедиле американскиот претседател такво барање повеќе никогаш да не постави.