Свет да се избегне натамошно влошување на тензиите

ОН апелира да се спречи нова ескалација на тензиите на Блиски Исток

Заменичката на генералниот секретар на ОН за политички прашања Розмари ди Карло на вчерашниот состанок на Советот за безбедност на ОН ги повика сите земји да спречат нова ескалација на тензиите на Блиски Исток.

ОН апелира да се спречи нова ескалација на тензиите на Блиски Исток

– Го повикувам СБ да продолжи активно да соработува со сите страни за да се избегне натамошно влошување на тензиите и нова ескалација што ги поткопува мирот и регионалната безбедност. Го повторувам апелот на генералниот секретар до сите земји да се повлечат од пропаст и да ја разгледаат неподносливата човечка и економска цена на потенцијалниот регионален конфликт, истакна ди Карло.

Кина и Русија ги обвинија САД дека „долеваат масло на огнот“.

– Јасно е дека американските напади се конкретно и намерно дизајнирани да го поттикнат конфликтот со цел да ја задржат својата доминантна позиција во светот, истакна постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензија.

Додека постојаниот претставник на Кина Џун Џанг посочи дека „американските акции најверојатно ќе го влошат маѓепсаниот круг на принципот око за око на Блискиот Исток“.

Тој ги обвини Американците за нарушување на територијалниот интегритет на Сирија и Ирак. Сличен став искажа и постојаниот претставник на Алжир, Амар Бенјама.

Заменик постојаниот претставник на САД, Роберт Вуд наведе дека станува збор за неопходни и сразмерни дејствија во остварувањето на правото на самоодбрана.

– САД немаат желба за повеќе конфликти во регионот, каде што активно работиме на одвраќање и деескалација на конфликтот во Газа. Ние не бараме директен конфликт со Иран, истакна Вуд при тоа апелирајќи СБ да изврши притисок врз Техеран за да запрат нападите во регионот.

САД на 2 февруари нападнаа 85 цели во Сирија и Ирак, како одговор на нападот со беспилотно летало врз американска база во Јордан на 28 јануари, при што загинаа тројца американски војници. Во американските одмазднички напади загинаа најмалку 45 луѓе.

Постојаниот претставник на Иран во ОН, Амир Сајед Иравани посочи дека Техеран „никогаш не сакал овој конфликт да се прошири во регионот. Но, ако Иран биде под закана, нападнат или подложен на агресија, тој нема да се двоуми да го искористи своето вродено право да одговори цврсто под меѓународното право и Повелбата на ОН“.

To top