Свет

Одбележана 13-годишнината од нуклеарната катастрофа во Фукушима

Одбележана 13-годишнината од нуклеарната катастрофа во Фукушима

Со едноминутно молчење и комеморативни настани денеска во Јапонија беше одбележана 13-годишнината од катастрофата во нуклеарната централа Фукушима, која беше тешко оштетена од земјотрес и цунами во 2011 година, кога загинаа околу 20.000 луѓе.

Во 14 часот и 46 минути, кога се случи земјотресот со јачина од 9 степени, луѓето низ цела Јапонија запреа со движење за да одржат едноминутно молчење за жртвите.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида на церемонијата во префектурата Фукушима вети дека владата ќе помогне да се обезбедат работни места, егзистенција и безбедност во нуклеарната централа за раселените жители да можат да се вратат дома.

Околу 20.000 од повеќе од 160.000 евакуирани жители низ Фукушима сè уште не се вратиле назад.

Годишните истражувања покажуваат дека повеќето евакуирани немаат намера да се вратат дома, а причина за тоа е немањето работа, училишта и изгубените заедници, како и загриженоста поради радијацијата.

Градовите погодени од катастрофата, вклучително и оние во префектурите Ивате и Мијаги, забележаа нагло намалување на бројот на населението.

Инаку, денескка комеморации беа одржани и во префектурите Мијаги и Ивате, кои се наоѓаат северно од Фукушима.

Државни комеморации не се одржуваат во Токио од десетгодишнината од катастрофата во Фукушима.

To top