Свет

„Нова Македонија“: „Европското НАТО“ го возвраќа ударот – Рестрикција на разузнавачки информации од Брисел за САД

Претставници на НАТО ги ограничуваат разузнавачките информации кон САД, што би значело тоа за Вашингтон, но и за самата Алијанса?
Извори од двете страни на Атлантикот предупредуваат дека безбедносните односи меѓу САД и Велика Британија се на најниско ниво од 1950-тите, при што ценат дека европската безбедност е ставена на тенок мраз

„Нова Македонија“: „Европското НАТО“ го возвраќа ударот – Рестрикција на разузнавачки информации од Брисел за САД

Предложеното преземање на Гренланд од страна на Доналд Трамп предизвикува поделби во НАТО, што резултираше со тоа што претставниците НЕ споделуваат разузнавачки информации со САД. Во таков контекст, извори од двете страни на Атлантикот потврдуваат за светските медиуми дека „безбедносните односи меѓу САД и Велика Британија се на најниско ниво од 1950-тите“, со што ја ставаат во опасност европската безбедност, анализира Сотир Ристо за НОВА МАКЕДОНИЈА. Повеќе од 70 години, посебниот однос меѓу Велика Британија и Америка е камен-темелник на западната алијанса, при што разузнавачките и воените претставници работат заедно за борба против сите видови закани, од директна војна до тајни операции. Но амбициите на Трамп да го стекне Гренланд од причини за национална безбедност ја уништуваат довербата и ги кинат долгогодишните договори, велат изворите.

Најфреквентните разузнавачки комуникациски канали преку Атлантикот затворени?!

Извор во американското разузнавање изјави за јавноста дека постапките на Трамп биле „потези за разбивање на сојузите, кои би можеле темелно да го променат глобалниот поредок во наредните децении“. Отвореното споделување разузнавачки информации меѓу двете земји датира од тајната мисија „Синков“ од 1941 година, која вклучуваше размена на информации за јапонски и германски шифри во паркот „Блечли“ пред САД официјално да влезат во Втората светска војна. Оттогаш, САД и Велика Британија продолжуваат да споделуваат разузнавачки информации преку договорот УКУСА, честопати нарекуван „Две очи“, и разузнавачкиот сојуз „Пет очи“, во кој учествуваат Австралија, Канада и Нов Зеланд. Изворот од британската разузнавачка служба изјави дека најновите закани на Трамп ја промовирале идејата дека Велика Британија повеќе не е сојузник на „Две очи“, туку „само дел од Европа“. Д-р Ден Ломас, експерт за безбедност и разузнавање на Универзитетот во Нотингем, рече дека вториот мандат на Трамп во Вашингтон има „дестабилизирачки ефект“ врз довербата меѓу разузнавачките агенции, што има потенцијал да стане „долгорочен проблем“. Тоа ќе ја принуди Велика Британија да „удвои“ и да ги зајакне партнерствата со европските сојузници во одговор, додаде тој. Рори Кормак, професор по меѓународни односи на Универзитетот во Нотингем, рече дека мора да се вратиме на Суецката криза од 1956 година, во време кога односите на САД со Велика Британија беа под таков притисок.
– Тврдењата за посебност секогаш треба да се земаат со резерва, но ова секако е најголемиот тест за разузнавачките односи меѓу Велика Британија и САД во последниве години – рече тој.
Но што всушност значи ограничувањето за размена на разузнавачките информации внатре во НАТО?

Што значи рестрикцијата на разузнавачките информации внатре меѓу членките на НАТО

Ограничувањето на размената на разузнавачки информации внатре во НАТО има сериозни и далекосежни последици, и на практично и на стратешко ниво. Тоа конкретно значи намалена колективна безбедност под НАТО-чадорот. Имено, НАТО функционира врз принципот дека заканата кон една членка е закана кон сите, а разузнавачките информации се крвотокот на таа колективна одбрана. Така, според експертите, доколку дел од сојузниците (или САД) добиваат помалку или селективни информации, тогаш со сигурност се доцни со откривање безбедносни закани (тероризам, сајбер-напади итн.), се носат одлуки врз нецелосна слика, односно се зголемува ризикот од погрешна процена или ескалација.
– Второ, многу клучно во феноменот на „рестрикција на разузнавањето“ е – ерозијата на довербата меѓу сојузниците. Разузнавачката соработка се темели на длабока доверба, изградена со децении. Така што, кога земјите почнуваат да задржуваат информации, да ги филтрираат податоците или да ги споделуваат само во тесни кругови, тоа сигнализира дека НАТО повеќе не функционира како единствен безбедносен блок, туку како група на подгрупи со различни нивоа на доверба, велат нашите соговорници, додавајќи дека истото тоа има и суштинско влијание на слабеењето на оперативната ефикасност, при што се чувствуваат потешка координација на силите, поголема опасност за војниците на терен и намалена способност за брз одговор на кризи.

Нов феномен во најава: Фрагментација на НАТО

Ако САД се перципираат како непредвидлив или ненадежен партнер, како што тоа го истакна претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во својот говор во Давос, европските земји може да градат паралелни разузнавачки структури, да се потпираат повеќе на ЕУ-безбедносни механизми, или да создаваат мини-сојузи внатре во НАТО, потпирајќи се на европските членки на Алијансата, и тоа во насока на остварување на идејата на Брисел за „Европска стратешка автономија“. Токму тоа ја ослабува улогата на НАТО како централен столб на западната безбедност.
Ако ова стане траен тренд, „Пет очи“ и „Две очи“ може да ја изгубат својата исклучителност. Следно, Велика Британија ќе се приближува повеќе кон европските партнери, а САД би можеле да останат формален, но не и целосно интегриран лидер во НАТО.

Сотир Ристо


Балканот како колатерална штета од рестрикцијата на разузнавачките податоци од Брисел за Вашингтон во рамките на НАТО

Што значи трендот на ограничување на разузнавачките информации
за балканските НАТО-членки, вклучително и за Македонија?

Ограничувањето на разузнавачката размена во НАТО би имало многу конкретни и чувствителни последици за Балканот, а особено за Македонија, поради позицијата на регионот како геополитичка сива зона. За тоа како недостигот од разузнавачки податоци и размена би се манифестирале во пракса, одредени соговорници и експерти од областа на безбедноста коментираат дека тоа би бил навистина голем проблем.
– Ако внатре, во НАТО, има послаба разузнавачка координација, тогаш безбедносните закани и сличните активности потешко се детектираат навреме, се губи големата слика за тоа кој стои зад одредени кризи, а националните безбедносни служби (вклучително и македонските) остануваат со ограничени капацитети. За Македонија, која се потпира на сојузнички информации, ова е директен безбедносен ризик – велат нашите соговорници.

Ќе се почувствува ослабената поддршка на САД кон македонските безбедносни служби

Како релативно нова членка на НАТО, Македонија нема масивна разузнавачка инфраструктура. Ефикасноста во голем дел зависи од споделените информации од поголемите сојузници, како и од обука и заедничка анализа.
– Ако САД и клучните НАТО-земји ги ограничат информациите, или европските сојузници, ограничувајќи ги разузнавачко-безбедносните информации за САД, едноставно ќе има дефицит на таков вид информации за Македонија или, пак, ако се воведат построги правила за доверливи податоци (изворно познати како „need-to-know“ н.з.), тогаш македонските служби ќе имаат помал увид во регионалните закани, па ќе се намали квалитетот на превенцијата (екстремизам, организиран криминал, сајбер-закани) – велат соговорниците.
– Разузнавачките информации се клучни за рано предупредување, дипломатска деескалација или, пак, за превентивно распоредување сили. Без целосна размена, кризите може да ескалираат побрзо, а реакцијата на НАТО ќе биде побавна и понеусогласена, при што Македонија, како земја што географски и политички е меѓу жариштата, би била директно засегната – истакнуваат безбедносните експерти.
– За Македонија, со сѐ уште чувствителни меѓуетнички односи, историски соседски притисоци, ранлив медиумски простор, ова може да доведе до внатрешна несигурност од безбедносен аспект. Иако членот 5 формално останува во сила, во пракса одвраќањето зависи од кредибилитетот на НАТО, а НАТО дејствува поделено, тогаш противниците на Македонија може да тестираат граници (Бугарија на пример, нешто слично како односот меѓу Турција и Грција). Тоа всушност значи поголем притисок преку хибридни методи, не директен напад, и раст на скептицизмот кај населението дали НАТО навистина ќе реагира – истакнуваат соговорниците.
Во секој случај, безбедносните експерти истакнуваат дека за Македонија, рестрикцијата на протокот на безбедносни информации, индиректно ќе влијае и ќе значи поголема ранливост на хибридни закани, помала превенција на кризи, поголем притисок од надворешни актери и зголемен ризик од внатрешна нестабилност, што би бил уште еден дополнителен предизвик за властите, на што треба да обрнат дополнително внимание и да бидат свесни за можните дополнителни искушенија од областа на разузнавањето и безбедностаС.Р.

To top