Свет

Македонци, Албанци, Срби и Босанци немаат шанси да добијат азил, а сепак доаѓаат во Германија: ЗОШТО?

Македонци, Албанци, Срби и Босанци немаат шанси да добијат азил, а сепак доаѓаат во Германија: ЗОШТО?

Голем број граѓани на земјите од Западен Балкан, односно Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија, редовно, дури и неколкупати по ред, бараат политички азил во Германија, иако е речиси невозможно тие барања позитивно да се решат, објавува Дојче Веле.

„Кога ќе видат некои од презимињата, работниците во берлинскиот прифатен центар за бегалци веќе знаат што следува: нула шанса да добијат азил, но неколку месеци примање социјална помош, по што следува отфрлање на барањето. А следната година приказната се повторува“, пишува весникот „Тагесшпигел“, наведувајќи дека е слично на некои други германски провинции.

„Мигрантите главно се враќаат во земјите на потекло напролет, летуваат таму, а наесен се враќаат за повторно да поднесат барање за азил“, пишува германскиот весник.

Ова е можно поради германскиот закон, кој не го ограничува бројот на обиди кога може да се поднесе барање. Бидејќи, како што е објаснето, ситуацијата на апликантот може да се променила од последното поднесено и одбиено барање и може да биде неопходно да му се даде нова можност и да се преиспита барањето. Имаме случаи кога едно исто лице поднесува барање седум-осум пати“, вели вработен во Прифатниот центар.

Како изгледа депортацијата од Германија?

Германската Федерална канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ) објави дека само оваа година имало 13.000 повторени барања. Најголемиот број такви апликанти доаѓаат од земјите од Западен Балкан, иако кон средината на минатата деценија беа прогласени за „земји со безбедно потекло“, што ги прави речиси невозможни шансите за позитивно решавање на барањето за азил. Процентот на позитивно решени вакви барања е под еден процент.

А сепак, „цели семејства од тие земји еднаш годишно се преселуваат од нивните земји на потекло во сместување за азил во Германија, а потоа се враќаат назад“, известува вработен во прифатен центар во покраината Долна Саксонија. Вакво патување е можно и поради безвизниот режим за земјите од кои доаѓаат овие лица. Бројот на апликанти од Балканот е сè уште висок и покрај програмите за вработување на жителите од регионот кои Германија ги воведе во 2015 година, а кои овозможуваат релативно лесно вработување во Германија.

Во моментов се расправа за тоа дали на бегалците, односно на барателите на азил треба да им се исплати социјална помош, која кај некои семејства со повеќе деца лесно се искачува на повеќе од 2.000 евра месечно (во готовина), или треба да им се издава ваучери за храна и други потреби. Ова, како што веруваат се повеќе политичари, би ја намалило привлечноста на Германија за барателите на азил.

Друг проблем е фактот што овие повторени барања ставаат дополнителен товар на услугите за обработка на барања. И онака се при крај, поради зголемениот број бегалци од други земји, како Турција, Сирија и Авганистан.

To top