Свет Воениот план е да се елиминира Хамас

Израел: Во Газа е само почеток, следува крајот на Хамас

Околу 11.500 луѓе загинаа во израелските бомбардирања и копнени операции во Газа, меѓу кои две третини се жени и деца.

Израел: Во Газа е само почеток, следува крајот на Хамас

Претседателот на израелскиот Совет за национална безбедност, Цахи Ханегби, денеска, три недели по почетокот на копнените воени операции во Појасот Газа, изјави дека израелската армија „ја постигнала секоја цел, дека се убиени илјадници терористи, вклучително и високи членови на раководството на Хамас“.

– Сите цели поставени од безбедносниот кабинет се постигнати и како што рече премиерот: „Тоа е само почеток“. Ние сме решени да стигнеме до крајот на битката и крајот на битката ќе биде крајот на Хамас, рече Ханегби.

– Нема да застанеме додека не се избришат сите воени и лидерски способности на Хамас и на палестинскиот Исламски џихад, соопшти на прес-конференција претседателот на Советот за национална безбедност на Израел.

Израелските медиуми коментираат дека е првпат во врска со воените цели на Израел да се спомнува Исламскиот џихад, помала екстремистичка организација во Појасот Газа, која исто така учествуваше во ненадејните напади на југот на Израел на 7 октомври, по кои почна војната против Хамас.

Ханегби рече дека Израел ќе се согласи на прекин на огнот само во замена за голем број заложници, а не „манипулативно ослободување“ за пропагандни цели.

На првиот ден од нападот на палестинските екстремисти од Газа на југот на Израел, беа убиени над 1.200 луѓе, главно цивили, а беа киднапирани околу 240 заложници.

Околу 11.500 луѓе загинаа во израелските бомбардирања и копнени операции во Газа, меѓу кои две третини се жени и деца.

Зборувајќи за ослободувањето на сите заложници, Ханегби рече дека Израел „дури тогаш ќе се согласи на прекин на огнот кој ќе биде многу ограничен и краток, бидејќи тогаш продолжуваме да напредуваме кон нашите воени цели“. Тој истакна дека воениот кабинет е обединет во однос на својата стратегија за ослободувањето заложници, што покажува дека министрите сметаат дека тоа ќе се случи доколку Хамас почувствува дека е под притисок.

Тој ги отфрли тврдењата на катарските посредници дека копнените операции ги отежнуваат преговорите за ослободување на заложниците.

Во разговорите со американскиот претседател Џозеф Бајден и другите светски лидери, Нетанјаху, како што тврди Ханегби, ги одбил повиците Израел да се согласи на прекин на огнот и хуманитарни прекини доколку заложниците не бидат ослободени.

Ханегби не одговори на новинарското прашање за стратегијата на Израел за Газа по војната.

Тој, како и Нетанјаху, избегна да одговори и наместо тоа ги повтори краткорочните цели на Израел.

-Воениот план е да се елиминира Хамас. Тоа е единствениот начин да се осигураме дека после нема да бидеме под закана од Газа. Тоа е цел број еден, рече Ханегби, додавајќи дека втората цел е „света како првата“ – да се ослободат заложниците и тоа сите и оти нема да има мир додека не се постигне тоа.

САД јавно го повикуваа Израел изминатиот месец да планира кој ќе владее со Газа ако успее да го елиминира Хамас, тврдејќи дека во спротивно ризикува да биде заглавен во енклавата на неодредено време.  (МИА)

To top