Иран и САД добија план за прекин на непријателствата што би можел да стапи на сила денеска и повторно да ја отвори Ормуската Теснина, јави денеска Ројтерс, повикувајќи се на неименуван извор запознаен со предлогот.
Според изворите, Пакистан ја изготвил рамката за прекин на непријателствата и синоќа ја доставил до Иран и САД, а во неа се наведува двостепен пристап со моментален прекин на огнот по што ќе следи сеопфатен договор.
„Сите елементи мора да бидат договорени денеска“, рече изворот, додавајќи дека почетниот договор ќе биде структуриран како меморандум за разбирање финализиран електронски преку Пакистан, единствениот комуникациски канал во преговорите.
Аксиос претходно објави, повикувајќи се на американски, израелски и регионални извори, дека САД, Иран и регионалните медијатори разговараат за потенцијален 45-дневен прекин на огнот како дел од двофазен договор што би можел да доведе до траен крај на војната.
Извор за Ројтерс изјави дека началникот на пакистанската армија, фелдмаршал Асим Мунир, бил во контакт „цела ноќ“ со американскиот потпретседател, Џ.Д. Венс, специјалниот претставник Стив Виткоф и шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи.
Според предлогот, прекинот на огнот ќе стапи на сила веднаш, Ормуската Теснина ќе биде повторно отворена, со дополнителни 15 до 20 дена за финализирање на пошироко решение.
Спогодбата, привремено наречена „Договор од Исламабад“, ќе вклучува регионална рамка за теснината, со разговори лице в лице што ќе следат во Исламабад.
Иранските претставници претходно изјавија за Ројтерс дека Техеран бара траен прекин на огнот со гаранции дека нема повторно да биде нападнат од САД и Израел.
Иран примил пораки од посредниците, вклучувајќи ги Пакистан, Турција и Египет.
Се очекува конечниот договор да вклучува обврска од Техеран да не се стреми кон нуклеарно оружје, во замена за олеснување на санкциите и ослободување на замрзнатите средства, рече изворот.
Двајца пакистански извори рекоа дека Иран сè уште не се обврзал и покрај интензивираните цивилни и воени активности.
„Иран сè уште не одговорил“, рече еден извор, додавајќи дека предлозите поддржани од Пакистан, Кина и САД за привремен прекин на огнот досега не доведоа до обврски.