Свет Словачка

Фицо: Со Орбан се договоривме да се формира група за испитување на штетата на „Дружба“

Фицо изјави дека експертската група е договорена откако добиле информации дека нафтоводот е функционален.

Фицо: Со Орбан се договоривме да се формира група за испитување на штетата на „Дружба“

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека Словачка и Унгарија ќе предложат формирање инспекциска група за испитување на штетата на нафтоводот „Дружба“ во Украина, и дека за тоа се договорил со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Фицо изјави дека експертската група е договорена откако добиле информации дека нафтоводот е функционален. Групата, смета тој, треба да биде составена од претставници на Словачка и Унгарија, како и на Европската комисија (ЕК), и дека се согласиле да го презентираат предлогот до Европската комисија, пренесува Таср.

Според него, на групата треба да ѝ се дозволи да го посети делот од нафтоводот „Дружба“, за кој украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека е оштетен и го спречува транзитот на нафта.

„Бараме техничката инспекциска група да отпатува таму што е можно поскоро“, рече Фицо и повтори дека Словачка има информации што укажуваат дека нафтоводот „Дружба“ не е оштетен, и дека Унгарците имаат исти информации.

Според него, ниту на словачкиот амбасадор во Киев, ниту на амбасадорот на ЕУ не им било дозволено да го извршат увидот на местото на наводната штета.

Истовремено, Фицо потврди дека подоцна денеска телефонски ќе разговара со Зеленски за транзитот на нафта и дека се плаши дека може да има ново одложување во обновувањето на протокот на нафта преку „Дружба“.

„Мислам дека ова е бесмислена, идеолошка и штетна одлука што се однесува до Словачка и Унгарија“, рече Фицо.

To top