Свет Франција

Евакуирано седиштето на левичарската ЛФИ во Париз поради закана со бомба

Седиштето на француската левичарска партија „Непокорна Франција“ (ЛФИ) во Париз беше евакуирано денеска поради пријавена закана со бомба, изјави националниот координатор на движењето Мануел Бомпар, додавајќи дека сите вработени и активисти се безбедни, и дека тревогата е подигната околу пладне, а подоцна е укината.

Бомпар изјави на „Икс“ дека полициските сили се на лице место и дека партијата презела мерки за заштита на своите соработници, без да даде детали „од безбедносни причини“.

Тој, исто така, ги повика државните власти да „обезбедат достоинствен и здрав демократски дијалог“.

Во последните денови, како што објасни БФМ, партијата се соочи со напади и вандализам откако беше обвинета за „морална одговорност“ во врска со смртта на активистот Кантен Деранк, кој беше нападнат на 12 февруари во Лион и подоцна почина.

Претседателката на групата ЛФИ во францускиот парламент, Матилде Пано, ја оцени одговорноста како „огромна“ за оние кои продолжуваат да ги напаѓаат и потсети на заканите, навредите и вандализмот од последните денови.

„До оние кои мислат дека можат да нè заплашат: ние нема да се откажеме и вие никогаш нема да можете да нè скршите“, рече Пано.

Досега, во истрагата за смртта на Кантен Деранк се уапсени 11 лица, меѓу кои, според извори блиски до истрагата, најмалку четворица активисти на младинската организација, вклучувајќи го и Жак-Ели Фавро, парламентарен асистент на Рафаел Арно, чиј договор со ЛФИ беше раскинат.

To top