Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во говорот пред Генералното собрание на ОН ги повика Обединетите нации да воведат присилни мерки против Израел, вклучително и употреба на сила.
Ердоган реагираше на нападите на Израел врз Либан и цели на Хезболах кои почнаа вчера, и направи неколку споредби со Втората светска војна.
-Како што Хитлер беше запрен од сојузот на човештвото, така и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата мрежа на убиства мора да бидат запрени од сојузот на човештвото, рече Ердоган.
Тој ги обвини САД дека „продолжуваат да го вооружуваат Израел за да можат да продолжат со масакрите додека јавно се преправаат дека повикуваат на прекин на огнот“.
-До кога ќе можете да го поднесувате срамот да бидете сведоци на овој масакр? Земјите кои го поддржуваат Израел се отворено соучесници во овој масакр, им рече Ердоган на САД и на западните сојузници. (МИА)