Свет

Борел во тридневна посета на Јапонија

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел од денеска до четврток ќе престојува во посета на Јапонија, каде ќе учествува на состанокот на шефовите на дипломатиите на Г7 во организација на јапонското претседателство со Групата седум економски најнапредни земји, чија придружна членка е и Европската Унија.

Како што соопшти Европската комисија, посетата на Борел ќе биде можност за потврдување на цврстото партнерство со членките на Г7, како и за зајакнување на односите меѓу ЕУ и Јапонија.

Според најавата, Борел и шефовите на дипломатиите на Јапонија, Велика Британија, Германија, Италија, Канада, САД и Франција детално ќе разговараат за голем број актуелни надворешнополитички и безбедносни прашања, особено за ситуацијата на Блискиот Исток, континуираната поддршка на Г7 за Украина во справувањето со руската агресивна војна, како и за главните случувања во Индо-пацифичкиот регион.

– Министрите, исто така, ќе имаат можност да разговараат и за сегашниот и идниот ангажман на Г7 со меѓународните партнери, вклучително и со нивните колеги од петте држави од Централна Азија, се додава во соопштението.

За време на неговата посета, како што јави дописникот на МИА од Брисел, предвидено е Борел да оствари серија билатерални средби, меѓу кои и со новата министерка за надворешни работи на Јапонија, Јоко Камикава.

Најнови вести од Свет

To top