Свет во делови од земјата

Белгија прогласи портокалов метеоаларм за зимски услови

Белгија прогласи портокалов метеоаларм за зимски услови

Откако во текот на викендот прогласи жолт метеоаларм за зимски услови на територијата на цела Белгија, белгискиот Кралски метеоролошки институт денеска го зголеми нивото на портокалово во реоните на централна Фландрија, западна Валонија и регионот на Брисел.

Институтот информира дека ваквата одлука е донесена поради очекуваните нови снежни врнежи.

Утрово ширум Белгија беше издадено предупредување за лизгави коловози, како резултат на замрзнување на водата од снегот што се топи, на остатоци од снег на патиштата или на новите снежни врнежи.

Покрај за коловозите, предупредување за внимателно движење е издадено и за пешачките и велосипедските патеки.

За денеска попладне е најавено разведрување на времето во Белгија, со исклучок на реонот на Ардените, каде се очекува снежните врнежи да продолжат до крајот на денот. Максималната температура ќе биде од минус 5, во планинските реони на југоистокот, околу 0 во континенталниот дел, па до 5 степени долж бреговите на Северното Море.

Во текот на ноќта се очекува ново наоблачување што ќе настапи од запад, па во текот на доцните ноќни и раните утрински часови се очекуваат нови снежни врнежи во западните делови од Белгија. Во текот на утрешниот ден се предвидува облачната маса да се движи кон исток, при што врнежи од снег се очекуваат и во централните и источните региони на земјата.

Во наредните денови се очекува максималната температура да се движи од минус 3 до 3 степени, со ветер од јужен правец, кој на места би можел да достигне брзина и до 60 километри на час.

За в четврток во северозападните делови на Белгија е најавена бура проследена со обилни дождови од правец на Ламанш и со ветер до 100 километри на час.

Најнови вести од Свет

To top