Свет Резервен план на Каиро

Анонимни извори тврдат дека Египет подготвува зона за прием на Палестинци на Синај

САД повеќе пати го повторија своето противење на какво било раселување на Палестинците од Газа.

Анонимни извори тврдат дека Египет подготвува зона за прием на Палестинци на Синај

Египет подготвува област долж границата со Газа што би можела да се користи за прифаќање на Палестинци доколку израелската офанзива предизвика егзодус преку границата, изјавиле четири извори опишувајќи ја можноста како резервен план на Каиро, јавија светските агенции.

Египет, кој официјално негира секакви подготовки во оваа насока, постојано предупредуваше на можноста израелската офанзива на Газа да резултира со раселување на Палестинците на Синај, што Каиро го смета за целосно неприфатливо. Слични предупредувања испратија и други арапски земји, вклучително и Јордан.

САД повеќе пати го повторија своето противење на какво било раселување на Палестинците од Газа.

Еден од изворите рекол дека Египет е оптимист дека разговорите за прекин на огнот би можеле да вродат со плод за да се избегне споменатото сценарио, но дека ја подготвува областа долж границата како привремена мерка на претпазливост. Три извори блиски до безбедносните сили тврдат дека Египет почнал да ја подготвува пустинската област Синај со некои основни капацитети за сместување на Палестинци, нагласувајќи дека се работи исклучиво за резервен план.

Поради чувствителноста на темата, изворите побарале да останат анонимни.

Израел соопшти дека ќе почне офанзива за уништување на „последното упориште“ на Хамас во Рафа. Во тој град на границата со Египет се сместени околу милион Палестинци кои нашле засолниште во него пред разорната израелска офанзива на Појасот Газа. (МИА)

To top