Стевчо Јакимовски, во јавноста познат како партиски „прелетувач“ и менувач на бои, осуденик за незаконски општински градби, неуспешен кандидат за претседател на државата, човек од „околината“ на ДУИ тајкунот Пуцко и резидент на црната листа на САД, деновиве повторно пројави желба за нов мандат за раководење со општина Карпош. По кој знае кој пат…
Човекот кој вети дека во Карпош нема никогаш да има ЗОНСКО ПАРКИРАЊЕ, а истото го воведе ЛАНИ во дел од општината и најави проширување на истото, сега сака повторно да биде „татко“ на истата таа општина, заради чие незаконско градење на општинска зграда истиот тој Јакимовски е прогласен за виновен од Кривичниот суд за две кривични дела и е осуден на затворска казна од 3 и пол години затвор. Јакимовски е осуден за бесправна изградба и злоупотреба на службената положба, кои според пресудата се сторени за време на изградбата на новата општинска зграда на Карпош. Меѓу другото, за уште поголема белја на општината, судот одлучи и спорната административно-деловна зграда на општината да биде одземена и конфискувана во корист на државата. Ова не му се случило досега на ниту еден македонски градоначалник.
Ќе биде запаметен и како градоначалник кој го нападна Уставниот суд по аферата со автобускиот паркинг меѓу Александар Палас и базенот во Карпош кој е празен, но испадна дека тука се криела парцелата планирана за бензинска пумпа и е продадена како таква на инвеститор, иако Уставниот суд оцени дека таму никогаш не било предвидено да се гради пумпа. На суд купувачот Пуцко Петрол ја тужи општина Карпош и бара милионска отштета, а досега на пониските судови, граѓански и апелација веќе добил отштета од над 2 и пол милиони евра, но бара повеќе. Со одлуката на Уставен суд да го укине конкретниот ДУП со пумпата, се отвора можност за повисока отштета која ќе падне врз буџетот на Општина Карпош, што предизвика напад врз градоначалникот кон највисокиот суд.
Во неговото CV е и моментот кога заедно со Катица Јанева се најде на Црната листа на САД. Во март 2024-та, американскиот Стејт Департмент ги стави на црна листа поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски. По повод „поцрнувањето“, од Стејт Департментот изјавија дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции во Македонија.
За Јакимовски се посочи дека „како градоначалник на Карпош бил вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници“.
На неговото менување партиски бои, афинитети кон „печати“ и дузина афери јавноста е сведок со децении…