Денес во организација на Општина Кисела Вода се одржа настанот „Градиме доверба и вмрежување на деловните луѓе од Општина Кисела Вода“, на кој градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска оствари средба со бизнис заедницата и претставниците на компаниите од овој дел на градот. На средбата присуствуваше и заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески.
Во атмосфера на отворен дијалог беа разменети информации, идеи и конкретни прашања и решенија. Градоначалничката истакна дека Кисела Вода и досега важеше за општина со високи стандарди на транспарентност и добра соработка со бизнис секторот, а целта е тие односи дополнително да се надградат. Општината, како што беше нагласено, има важна улога да создава стабилна и предвидлива деловна средина, да обезбедува јасни процедури и да биде мост меѓу компаниите и централната власт. Во таа насока, веќе е активен и Бизнис информаторот на Кисела Вода, како практична алатка за информирање и поддршка на деловните субјекти. Таа најави и формирање на бизнис регистар, кој ќе овозможи систематизирани податоци за компаниите, побрза и поефикасна комуникација со општината, како и полесно вмрежување и информирање за можностите и мерките за поддршка.
-За мене ова не е формален настан, туку разговор со луѓето што ја носат економијата на Кисела Вода. Како нов градоначалник, ова е првата ваква заедничка средба со бизнис заедницата и сакав таа да биде отворена и непосредна, затоа што вистинските партнерства се градат преку директен дијалог. Кисела Вода има изградено високи стандарди на транспарентност и доверба, и мојата цел е тоа да го надградиме. Општината останува партнер на компаниите, создавајќи предвидливи правила и стабилна деловна средина. Како дел од тоа, веќе е активен и Бизнис информаторот на Кисела Вода, кој ги обединува сите релевантни информации за бизнисите. Паралелно, започнуваме и со формирање Регистар на компании од Општина Кисела Вода, со цел подобра комуникација, побрзо информирање и полесно вмрежување меѓу фирмите. Овој регистар ќе ни помогне и поефикасно да ги поддржуваме инвестициите и отворањето нови работни места. Особено ми е драго што со нас беше и заменик-министерот Марјан Ристески од Министерството за економија и труд, што ја нагласува важноста на соработката меѓу локалната и централната власт, со цел институциите заеднички да работат за граѓаните и бизнис секторот и да останат силни партнери и поддржувачи на бизнис заедницата- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Заменик-министерот Марјан Ристески го поздрави потегот на Општина Кисела Вода и градоначалничката за организирање ваква средба, оценувајќи ја како прва од многуте што ќе следат и како значајна можност за директна комуникација меѓу институциите и бизнис заедницата. Во своето обраќање, тој издвои три битни законски и програмски решенија што имаат за цел директно да им помагаат на компаниите. Станува збор за Законот за финансиска поддршка, преку кој околу 20 милиони евра се достапни за бизнис секторот, за најобемниот Оперативен план за вработување кој во координација со Агенцијата за вработување обезбедува над 40 милиони евра преку мерки насочени особено кон младите и спречување на одливот на кадри, како и за новиот закон за работно ангажирање со фокус на сезонското вработување. Тој истакна дека овие мерки ќе ја зголемат конкурентноста на компаниите, ќе ја подобрат вработеноста и ќе создадат подобри услови за одржлив развој на бизнис секторот во Кисела Вода, но и во цела Македонија.