Во рамки на активностите по повод Светскиот ден на волонтеризмот, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес на семејства кои се наоѓаат во социјален ризик им достави хуманитарни пакети со основни прехранбени продукти. Акцијата е реализирана како дел од заедничка иницијатива на Општина Кисела Вода и општинската организација на Црвениот крст на Република Македонија.
Поддршката опфати повеќе семејства од територијата на општината, на кои преку оваа активност им беше обезбедена конкретна помош за полесно справување со секојдневните животни потреби. Во реализацијата беа активно вклучени и волонтерите на Црвениот крст, чиј ангажман е значаен дел од целиот процес.
Општина Кисела Вода, во соработка со Црвениот крст, континуирано спроведува мерки и активности насочени кон унапредување на социјалната заштита, со јасна цел, навремена и ефикасна поддршка за оние на кои најмногу им е потребна.
-Светскиот ден на волонтеризмот нè потсетува на важноста на солидарноста и грижата еден за друг. Денес, преку соработката со општинската организација на Црвениот крст и нивните посветени волонтери, обезбедивме конкретна поддршка за семејствата кои се соочуваат со социјални предизвици. Општина Кисела Вода ќе продолжи да ги поддржува ваквите иницијативи и да гради политики во кои човекот и неговото достоинство се секогаш на прво место- изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.