Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека на 15 декември ќе биде официјално запалено празничното осветлување на главниот град. Настанот ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, со почеток во 18 часот.
Ѓорѓиевски порача дека Скопје повторно ќе ја почувствува празничната магија по неколку години пауза, нагласувајќи дека градот е најубав кога свети од радост, насмевки и заедништво.
На најавениот настан ќе има забава, музика, подароци и настапи на омилените херои за најмладите. Од наредниот ден па сè до Нова година, ќе следуваат секојдневни активности и програма за сите генерации, а градските власти најавуваат спектакуларен и незаборавен дочек.
Во продолжение целата објава на Ѓорѓиевски:
-Ајде заедно да го осветлиме градот!
15.12.2025 / 18:00 часот
Почитувани скопјани, драги родители, најдраги дечиња,
Нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија.
А сите ние – и младите, и возрасните ја заслужуваме таа топлина што ја носат Новогодишните и Божиќните празници.
Затоа, со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, многу подароци и вашите омилени херои кои ќе ги израдуваат најмалите.
На 15 декември, во 18 часот, на плоштадот „Македонија“, заедно со вас ќе го осветлиме градот и после неколку години ќе ја почувствуваме првата искра на празничниот дух.
Веќе од наредниот ден, па сѐ до самата Нова година, ќе следуваат секојдневни настани и забави за сите генерации.
А дочекот, ви ветуваме, ќе биде спектакуларен и незаборавен!
15.12.2025
18:00 часот
Плоштад „Македонија“
Ве очекуваме со најубавата празнична енергија!, пишува Ѓорѓиевски во својата објава.