Скопје Градоначалникот со добра вест за сограѓаните

По 8.000 денари за секое новороденче во Гази Баба

Општина Гази Баба не е само институција. Таа е партнер, сојузник и поддршка на своите граѓани, од првиот детски плач, па сè до остварувањето на најголемите соништа. Ние сме тука, заедно со вас, за иднина полна со живот, надеж и нови почетоци, вели Стефковски.

По 8.000 денари за секое новороденче во Гази Баба

Од 01.01.2026 година, секое семејство во општина Гази Баба кое ќе има новородено дете ќе добие финансиска поддршка од 8000 денари, информира градоначалникот Бобан Стефковски.

-Раѓањето на дете е најголемата радост, најголемата надеж и најсилната порака за иднината. Токму затоа, како локална самоуправа имаме обврска да бидеме поддршка на секое семејство во овој најважен животен момент. Во 2022 година, по моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба, за прв пат ја воведовме мерката за финансиска помош од 5000 денари за секое новороденче. Тоа беше почеток на една политика која ја става грижата за семејството и децата во самиот фокус. Во изборната кампања за последните локални избори ветив дека оваа поддршка ќе ја зголемиме на 6000 денари, затоа што верував дека секое семејство заслужува повеќе. Но, со внимателни анализи, одговорно и домаќинско управување со буџетските средства, успеавме да направиме уште еден чекор напред и ја зголемивме помошта на 8000 денари, вели тој.

Стефковски посочува дека ова не е само бројка, ова е порака. Порака дека општината стои зад младите брачни парови, зад мајките и татковците, зад секое ново дете кое се раѓа во Гази Баба.

-Со ваквите мерки директно придонесуваме за зголемување на наталитетот, охрабрувајќи ги семејствата да се одлучат на најубавиот чекор – да донесат нов живот на светот. Повеќе дечиња значи повеќе смеа во градинките, повеќе ученици во училиштата и посилна, пожива општина. Инвестицијата во децата е инвестиција во иднината. Затоа продолжуваме со политики кои носат реална и директна помош, затоа што знаеме дека секој денар значи поддршка, сигурност и олеснување за семејниот буџет. Општина Гази Баба не е само институција. Таа е партнер, сојузник и поддршка на своите граѓани, од првиот детски плач, па сè до остварувањето на најголемите соништа. Ние сме тука, заедно со вас, за иднина полна со живот, надеж и нови почетоци, вели Стефковски.

To top