Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и покрај катастрофалната состојба во која го донесе градот, не планира да поднесе оставка. За своите неуспеси прстот го вперува кон сите, освен кон себе.
На денешната прес-конференција на новинарско прашање дали би се кандидирала за уште еден нов мандат таа децидно одговори дека немала такви амбиции.
-Не, апсолутно не. Јас кажав дека политички аспирации немам, ниту собирам политички поени. Сакам проектите кои што се ветени во програмата да се реализират и тоа е единствената цел која што сум ја имала уште од првиот ден, одговори Арсовска.
Нов мандат од скопјани нема да побара, но тврдењето дека нема политички аспирации се коси со вистината.
Пред парламентарните избори кои во мај годинава се одржаа во Македонија, таа се промовираше себеси како претседателка на партијата Нова Алтернатива. Беше и носител на листа во Изборна единица 1. Тогаш скопјани веќе го дадоа одговорот колкава доверба имаат во неа.
Во гласачките места каде таа беше носител на листа, во која влегуваат најголем дел од скопските општини, Арсовска освои 1.645 гласови или 0,85%..
Во Изборна единица 2, каде влегуваат и скопските општини Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и дел од Чаир, а носител беше нејзиниот тогаш најблизок соработник Драги Митковски, партијата на Арсовска доби нешто над 1.000 гласови.