Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, потпиша меморандум за соработка со претставниците на Спорт Лаиф Скопје, со цел воспоставување заемна соработка во насока на поддршка, развој и унапредување на спорот, особено фудбалот на територија на општина Илинден. Спогодбата предвидува заедничка заложба за унапредување на условите на фудбалските клубови во општината, како и за развојот на младинските категории.
Особено важен аспект од овој меморандум е што Спорт Лаиф Скопје ќе обезбеди финансиска поддршка за фудбалски клуб со седиште во општина Илинден, кој ќе го носи токму името на општината, односно „ФК Илинден“. Од друга страна, Општина Илинден ќе одвои финансиски средства за покривање на котизацијата на клубот кон Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), што ќе овозможи клубот да учествува во официјални фудбалски натпревари.
Според договореното, Општина Илинден ќе обезбеди терени за тренинзи и натпревари, и исто така ќе ги покрие трошоците за нивно одржување и уредување. Додека, Спорт Лаиф Скопје, ќе придонесе во развојот на младинскиот фудбал и спортските капацитети, што ќе овозможи натамошен раст на фудбалските клубови и подобрување на нивните перформанси, односно обезбедување на повисок ранг на натпреварување.
– Овој меморандум претставува значаен чекор во унапредување на спортот во Општина Илинден, тој ќе им овозможи на младите да се развиваат и да се натпреваруваат на повисоки нивоа. Со оваа соработка, се очекува да се зајакне спортскиот дух во заедницата и да се поттикне фудбалот како спорт, истакна градоначалникот Георгиевски.
Со потпишувањето на овој меморандум, се отвораат нови можности за фудбалските клубови од општина Илинден, што ќе придонесе за унапредување на спортот и за развивање на фудбалот во регионот. Општина Илинден продолжува да обезбедува простор и можност за напредување во сите спортови, поддржувајќи ги младите таленти и создавајќи услови за напредок и зајакнување на спортската култура.