Македонскиот олимписки комитет (МОК), предводен од претседателот Даниел Димевски, продолжува со сеопфатниот процес за ревитализација на локалниот спорт и зајакнување на врската меѓу училишниот и врвниот спорт. Преку продолжување на интензивна соработка, овој пат со општините Карпош, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров, се поставуваат нови темели за научен пристап во идентификација и селекција на младите македонските спортисти идни Олимпијци.
На денешната средба меѓу претседателот на МОК, Даниел Димевски придружен од Раководителот на сектор спорт Петар Спасеновски и Раководителот за меѓународна соработка и комуникации Сашо Поповски со градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, беше потенцирано дека врвниот спорт не може да постои без цврста и квалитетна база во училишниот спорт.
За таа цел, неопходна е есенцијална и задолжителна комуникација и координација меѓу Македонски олимписки комитет (МОК), Министерство за спорт, Федерација за училишен спорт, Факултет за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) и Националните спортски федерации.
Револуционерен чекор во оваа соработка е користењето на Олимписката лабораторија за високи спортски перформанси. Овој Олимписки центар ќе овозможи прецизни мерења на антропометриски карактеристики, моторичките способности и физиолошките параметри на младите спортисти и преку оваа координирана акција, институциите ќе треба максимално да ја искористат постоечката спортска инфраструктура и создавање амбиент каде спортот на локално ниво ќе биде првата скала кон идното создавање врвни млади спортисти и идни Олимпијци.